Иако се запознаени со вредностите и политиките на ЕУ, младите во земјава се уште се скептични во однос на нашите евроинтеграциски процеси. Ова го потврдува последното истражување на ИДУЕП, во кое се вели дека над 40 проценти од нив немаат позитивен став кон ЕУ. Се потврдува дека секоја година се повеќе бледнее вербата дека лесно ќе се доближиме до европските вредности.
Матеа Карговска од Евротинк за „Локално“ потенцира дека најголемиот проблем е тоа што политичките елити кои ги водат преговорите во однос на македонскиот евроинтегративен процес, немаат доволни капацитети и познавање на материјата за која водат разговори и само подлабоко навлегуваме во проблеми.
-Младинскиот евроскептицизам е повеќе присутен заради постоењето на пречките со кои Македонија се соочи во минатото по отепувањето од Југословенската федерација, а тоа е спорот со Грција околу името, по кое бевме сигурни дека ќе се отвори нашиот пат кон ЕУ, но тоа не беше така. Тоа беше нашето прво разочарување. Потоа, следуваше ветото од Бугарија, кои ја спорат нашата историја и имаат барања по однос на бугарското малцинство во Македонија и негово впишување во нашиот Устав, со што повторно имаме голема пречка, која одзема време и не е процес кој се решава во денови, туку во години, вели Карговска.
Таа е на ставот дека младите повеќе се разочарани заради долготрајноста на процесот, отколку што имаат став – не за ЕУ.
Инаку, Карговска потенцира дека ако земеме процентуално, најголемиот процент на млади е преселен во држави – членки на ЕУ, таму е на студии или на професионални ангажмани.
-Морам да нагласам дека ЕУ нам не ни е далеку само заради двете вета, туку и заради недоволната политичка волја во земјава за спроведување на барањата од ЕУ Aquis-от, односно, ние донесуваме закони, но имаме проблем во имплементацијата односно системската поставеност и ресурси за да можат тие нови реформи да се спроведат, појаснува Карговска.

Матеа Карговска, Фото: Приватна архива
Потенцира дека евроскептицизмот е резултат на недоволната политичка волја во земјава за спроведување на барањата. Тука, како што вели, настанува крахот, разочарувањата и евроскептицизмот.
Во меѓувреме, во тек се локалните избори, кои на некој начин ја отсликуваат недовербата на младите дека нешто би се променило во брзо време во поглед на евроинтеграциите, со оглед на фактот дека изборите иако се локални, слушаме и теми за евроинтеграциите, а постои и значителен број на млади кои не излегуваат на гласање.
Карговска вели дека самата мала излезност на изборите говори за разочараност кај целиот народ, не само кај младите.
-Баш на овие избори ја имав таа можност да бидам на терен и практично да ги следам изборите во соработка со ДИК. Во историјата на самостојна Македонија не се случило да има над 50 илјади неважечки ливчиња, што е рекорд до сега, притоа на толку мала излезеност. Едната причина за тоа секако е стекнатата недоверба во властите кои ја предизвикаа преговорите на релацијата Македонија – ЕУ. Младите не само од оваа година, со години наназад сметаат дека нема причина зошто да излезат на гласање, бидејќи нема да променат ништо, вели Карговска.
Според Карговска, гласањето кај нас се одвива на принципот – одбери го помалото зло.
Таа смета дека во овој случај, владејачката структура ја доби поддршката на ланските парламентарни и претседателски избори и оваа година на локалните, не заради тоа што сите сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ се со подобра визија или дека нема да прават фатални грешки, туку дека само они беа реалната опција која може СДСМ да ја смени од власт.
Секоја друга опција, како што потенцира, во суштина не е опција, бидејќи нема реална шанса да се бори против двете најдоминантни партии.
-Менувањето на името е нешто што народот никогаш нема да го заборави и прости, тоа е дел од нашиот идентитет и како сме ние препознатливи како народ во светот, додава Карговска.
Во однос на тоа што конкретно го предизвикува евроскептицизмот кај младите, Карговска објаснува дека всушност тоа е симбиоза на повеќе фактори.
Од една страна е, како што вели, домашната политичка (не)волја за спроведување на барањата и реформите, бидејќи нема да се има доволно канали за влијание врз домашните политики, корупцијата, клиентелизмот и сите останати форми со кои сме веќе и навикнати да живееме како општество, а од друга страна е и ЕУ и нејзините ново поставени стандарди за членување.
-Претходно со другите земји – членки, немало вакви барања, билатералните спорови не биле воведени во преговарачката рамка со ЕУ и со државата кандидатка. Затоа и кај нас е познат во јавноста наративот дека „ЕУ премногу бара од нас, се откажавме од името, сега да менуваме Устав..” и слично. Претходно постоеле и подобри услови во кои сме можеле да излеземе како “победници” од процесот на преговарање кога биле земени во предвид и билатералните спорови, но сметам дека не биле испреговарани на прав начин и затоа во моментов сме тука каде што сме, додава Карговска.
Прашана дали пропагандата која ја слушаме против ЕУ од одредени политички партии можеби е причина за евроскептицизмот, Карговска објаснува дека пропагандата секаде постои, но секаде не постојат толкав број дезинформации.
-Како држава, па и како Балкански регион, подложни сме на манипулација со информации и контрола со медиуми. Не секој во текот на денот има време а и интерес, да седне и да прочита и разгледа што навистина се случува и што е главниот и коренот на проблемот, како и релевантноста на тоа што е напишано и што кружи во медиумите и социјалните мрежи, додава Карговска.
Таа смета дека проблемот е во медиумската неписменост која е присутна кај нас и не проверувањето на изворот и неговата легитимност.
-За жал, функционираме на таков начин и кога има некој поинфомиран и пласира информации кои се достапни но не секој ги гледа и чита, наидува и на осуди и на критики, иако правата вистина е таква. Но сепак, сметам дека двете горенаведени причини играат поголема и главна улога во евроскептицизмот, отколку пропагандата, вели Карговска,
Како што потенцира, да влијае пропагандата толку, нема да има сеуште млади кои се иселуваат во ЕУ, нема да имаат достоинствена работа таму, нема да биде нивниот труд и стручно образование толку ценети и нема да разгледуваат опции за студии или доусовршување таму.
Таа е на ставот дека државата треба да соработува со ЕУ и своите стандарди да ги доближи до оние на ЕУ.
Младите ги знаат придобивките на ЕУ, но не ги чувствуваат во Македонија поради проблемот со реформите

Фото: ChatGPT
Како што вели, младите ги знаат во суштина придобивките на ЕУ, само не ги чувствуваат доволно во Македонија заради проблемот со имплементацијата на реформите и барањата.
-Покрај тоа, и она што треба да се имплементира не се прави на правилен начин бидејќи не постојат доволно капацитети за тоа да се спроведе, не стручноста на кадарот во институциите е преголем проблем, а оној кој е стручен, во голем број од случаевите не е вработен заради партизацијата на институциите во Македонија и резултатот е иселувањето, додава Карговска.
Таа потенцира дека мора да се сменат системски сите проблематични точки, за ЕУ да дојде кај нас, а не ние да одиме во ЕУ. На тој начин, ЕУ ќе ни е дома, нашата држава, а младите ќе останат тука и ќе има поголема доверба кон евроинтеграциите. Покрај тоа, сметам дека и во образованието може да се воведат некои алатки за да се доближи важноста на членството во Македонија во ЕУ. Јас како дипломиран студент и на крајот од магистерските студии на Правниот факултет Јустинијан Први, сум незадоволна и од програмата на политичките студии, бидејќи тек во првата година на магистерските студии, ние го изучуваме предметот “Идејата за ЕУ”, што како политиколог го сметам за хендикеп, додава Карговска.
Таа смета дека треба да се направат реформи и во постоечките програми, кога веќе во вакви услови, студент се залага да се насочи кон политички студии, да го добие потребното знаење.
-Исто така, сметам дека како и на медицинскиот факултет, така и на правиот, треба да постои период во текот на студиите, каде што младите практично при волонтирање или практицирање во државна институција, невладина организација или јавно претпријатие ќе можат да видат и искусат што значи навистина соочување со состојбите на државата, појаснува Карговска.
Таа потенцира дека такви пракси има и во ЕУ, и треба да ги гледаме овие успешни примери, да ги донесеме или доближиме и кај нас.
Б.Т.