Карпош ја унапредува инклузивноста на малите Роми во детските градинки

Овој проект веќе петнаесетина години се реализира во Општина Карпош, и тоа во предучилишните установи „Пролет“ и „Сончогледи“ во населбата Влае 1

од Nikola Popovski
7 прегледи

Во рамки на  проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишното образование“, денеска во Клубот на пратеници, се одржа средба во чии рамки беа потпишани трипартитни договори за соработка помеѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, вклучувајќи ја Општина Карпош и детските градинки на нејзина територија. Овој проект веќе петнаесетина години се реализира во Општина Карпош, и тоа во предучилишните установи „Пролет“ и „Сончогледи“ во населбата Влае 1.

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски го потпиша трипартитниот Договор за соработка, кој  Министерството за труд и социјална политика го имплементира во соработка со Ромскиот Образовен Фонд, eдиниците на локална самоуправа и детските градинки почнувајќи од 2006 па до денес. Целта на проектот е отстранување на постоечките бариери за пристап до предучилишни установи на деца Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на нивните деца.

Оваа година, во градинката „Сончогледи” во Влае 1 се згрижени вкупно 10 деца од ромска националност кои се жители на населбата Злокуќани.

Во Програмата на активностите на општина Карпош од областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2025 година, за оваа намена се предвидени финансиски средства во износ од 200.000 денари.