Карпош одбележа 49 години од своето постоење

Со Свечена манифестација која се одржа денеска во просториите на Кинотеката на РСМ, Општина Карпош ја одбележа 49 годишнината од своето основање.

од Vladimir Zorba
5 прегледи Фото: Општина Карпош

Со Свечена манифестација која се одржа денеска во просториите на Кинотеката на РСМ, Општина Карпош ја одбележа 49 годишнината од своето основање. По тој повод, пред централниот настан, актуелниот градоначалник Сотир Лукровски во својот работен кабинет оствари средба со поранешните градоначалници на Општина Карпош, Сашо Кузмановски, Андреј Петров, Саша Димиќ и Стефан Богоев. Во рамки на состанокот, присутните разговараа за теми од областа на локалната самоуправа, каде беа разменети конкретни предлози и искуства во насока на поефикасно менаџирање со Општината.

Свечената академија започна со интонирање на македонската химна, со прекрасната вокална изведба на деветоодделенката Анастасија Јанковиќ од основното училиште „Владо Тасевски“. Веднаш потоа, се обрати градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода им посака топло добредојде на присутните гости. Притоа, првиот човек на локалната самоуправа се осврна кон 49 годишниот континуитет, заедништво и традиција која ја граделе жителите на оваа општина.

„Тоа се години кои оставиле зад себе илјадници приказни за растењето, за создавањето, за трудот, визијата и за луѓето кои ја направија оваа општина посебно место за живеење. Во изминатите речиси пет децении, Карпош прерасна во динамична, современа и препознатлива урбана средина. Озеленивме простори, изградивме инфраструктура, создадовме услови за подобар живот – но најважното е дека создадовме заедница. Заедница во која се слуша гласот на граѓаните, во која младите растат со можности, а повозрасните со достоинство“ – истакна Лукровски.

Пред присутните тој изрази длабока почит кон сите оние кои оставиле значаен белег во развојот на Карпош.

„Голем број генерации оставија дел од себе во развојот на оваа општина – учители, лекари, културни работници, спортисти, занаетчии, студенти, активисти, мајки и татковци кои секојдневно градат подобро утре. Токму затоа, денес не славиме само историја – туку славиме и луѓе. Оваа годишнина за сите нас е потсетник, но и обврска. Потсетник на она што сме го постигнале и обврска да продолжиме уште подобро, поуспешно и поодговорно. Карпош заслужува да биде место каде што институциите работат за граѓаните, каде што идеите се претвораат во реалност, а визиите во конкретни проекти“ – посочи Лукровски.

Општинскиот татко откри дека пред него стои сериозен предизвик за да ја придвижи напред локалната самоуправа, потенцирајќи дека на тој пат вистинската сила му ја даваат карпошани.

„Вашата енергија, вашата доверба и вашата критика се темелот врз кој продолжуваме да градиме и за тоа, Ви благодарам. Да продолжиме да го градиме Карпош како општина на културата, образованието, зеленилото, спортот и современиот урбан развој. Како локална заедница што се грижи за своите најмлади и ги почитува своите највозрасни жители, верувајќи во нивната иднината. Драги сограѓани,
Нека ни е честит роденденот на Општина Карпош! Нека ни е со среќа, со напредок и со заедништво“ – додаде Лукровски.

Како и секоја година, по повод роденденот на локаланата самоуправа, Општина Карпош традиционално додели благодарници на хуманите крводарители, пофалница на најдобриот полициски службеник и плакета на заслужен граѓанин на Општина Карпош. Во таа насока, градоначалникот Сотир Лукровски им врачи благодарници на Стојанче Масевски, Перо Давидовски, Јовица Даниловски, Ване Чичовски, Стевча Алексов и Зоран Даниловски, кои досега дарувале крв над 50 пати. Благодарници добија и административците од Карпош, Виктор Божиновски, Горан Данаиловски и Олга Цубалевска, кои го демонстрираа својот солидарен дух, досега дарувајќи крв над 20 пати.

Лукровски ѝ додели пофалница на полициската службеничка Елена Дракуловска од ПС Карпош, која го доби ова признание за нејзината служба и големиот придонес во непреченото обезбедување на јавниот ред и мир, заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните на Карпош.

Легендарниот фудбалски ас, Драги Сетинов е прогласен за „Заслужен граѓанин на Општина Карпош“ за 2025 година. Во оваа пригода, градоначалникот Лукровски му ја додели плакетата на господинот Сетинов, посакувајќи му многу здравје и успех во животот. Инаку, повозрасните љубители на фудбалот се сеќаваат на Сетинов од неговите беспрекорни настапи во прилепска „Победа“, во скопски „Вардар“ и во сплитски „Хајдук“. Родум од Скопје, својата професионална кариера тој ја започнува на 20 годишна возраст, во далечната 1981 година, а ја завршува во 1992-та година, во клубот „Етникос“ од Пиреја. Драги Сетинов важи за еден од подобрите одбранбени фудбалери на просторот на поранешна Југославија.

Завршниот дел од денешната свечена манифестација им припадна на основците од Карпош. Со својата бравурозна изведба, младите карпошани ги стоплија срцата на присутните гости, изведувајќи четири ритмичко – мелодични точки на сцената. Со својот настап, учениците од „Петар Поп Арсов“, „Владо Тасевски“ и „Вера Циривири Трена“, ги потсетија повозрасните гости што значи да се биде дете, да се сонува, да се биде слободен и бескрајно креативен.