Општина Карпош ја планира пролетната офанзива за зголемување на зеленилото во населбите и уште поинтензивно одржување на јавната хигиена.
Во таа насока, локалната самоуправа е во напредна фаза со проектот за обезбедување на машини за рециклирање на пластика и механизација за кабаст отпад, во рамки на повикот „ЕУ за општините“. Станува збор за набавка на 14 машини за селектирање пластика, кои за возврат ќе обезбедуваат повратни средства (финансии) за граѓаните кои ќе рециклираат пластична амбалажа.
Имајќи предвид дека одложувањето на кабастиот отпад е еден од поголемите проблеми, во рамки на истиот проект се предвидува и набавка на еден камион со четири големи контејнери за кабаст отпад. Намерата на општината е овие контејнери да ротираат по населбите и локалното население да знае во кои денови од месецот ќе можат да одложуваат кабаст отпад (шут, мебел, делови од домаќинство).
Со почетокот на пролетта, општина Карпош предвидува и раззеленување на нови јавни површини и садење на висококвалитетни дрвја. Имено, преку Секторот за животна средина и енергетска ефикасност оваа сезона ќе бидат засадени околу 150 нови дрвја, рамномерно по сите урбани заедници.
Исто така, претстои уредување на четири јавни површини, кои ќе прераснат во нови маалски паркови. На истоимените површини, ќе биде засадена нова тревна површина и украсни растенија, а ќе се постават и системи за наводнување, со цел, ефикасна одржливост на зеленилото.