Касами се разликува од Меџити – тврди дека ВЛЕН ќе има претседателско тело

За разлика од Меџити кој рече дека меѓу него или Касами ќе се бира лидерот на ВЛЕН, градоначалникот на Тетово тврди дека ќе има претседателско тело

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Фејсбук

Претседателот на Движењето БЕСА, Биљал Касами вели дека коалицијата ВЛЕН е на пат кон трансформација во политичка партија, преку спојување на сегашните субјекти што ја сочинуваат коалицијата.

„Доминира аргументот дека имаме заедничка политичка организација, наспроти опцијата да бидеме коалиција меѓу повеќе политички партии“, рече Касами.

Но, за разлика од Меџити, кој рече дека или тој или Касами ќе бидат лидери на ВЛЕН, градоначалникот за ТВ Алсат вели дека ќе има претседателско тело, каде што одлуките ќе се носат со консензус.

„Раководството на ВЛЕН не може да биде класичен и едноставен модел. Ова значи дека пред да му ја дадеме главната тежина на претседателот, имаме претседателство на ВЛЕН, каде што повеќето одлуки се носат со консензус како и досега, а претседателите на субјектите што ја сочинуваат ВЛЕН имаат важни позиции во оваа организација“, нагласи Касами.

Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити неодамна потврди дека идниот лидер на коалицијата ќе се избира меѓу него и градоначалникот на Тетово.

„Тука некаде е. Тој е повеќе фактор во Тетово, јас во Скопје. Ова се два главни града каде се концентрирани Албанците и затоа работиме на креативни решенија. Има повеќе решенија низ партиите во Европа, разгледуваме модели од Германија“, изјави Меџити, навестувајќи дека се разгледуваат различни форми на лидерство – од ко-претседателство до ротација или други хибридни модели што функционираат во европските партии.

Оваа изјава доаѓа по неколкумесечните внатрешни тензии во ВЛЕН околу единството и идното раководство, особено по локалните избори каде Меџити и Касами се покажаа како најсилните фигури на албанскиот политички блок во Македонија.