Ниеден работник во јавните комунални претпријатија, не само на територијата на Град Скопје туку и во целата држава, не треба да остане без работа бидејќи работниците не се виновни за состојбата во која што се наоѓаат претпријатијата, посочи претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски.
Тој на денешната прес-конференција, на новинарско прашање од „Локално“ како ги коментира тврдењата на одредени опозициски партии за наводна партизација на комуналните претпријатија по изборите, одговори дека работниците редовно си ги извршуваат свите работни задачи и немаат придонес во финансиската состојба на комуналните претпријатија.
-Ние како работници редовно ги извршуваме нашите работни задачи. Она што ни е дадено како задача од непосредните раководители, тоа го извршуваме како работните задачи. Сметаме дека немаме никаков придонес во она што е финансиска состојба во јавните комунални претпријатија, рече Кашиковски.
Како што посочи, не само скопските, туку и во другите претпријатија на територијата на државата постојат проблеми, меѓута смета дека со еден заеднички пристап меѓу менаџментот, ондосно раководството на тие претпријатија, и синдикатот, може да се најде соодветно решение.
Б.Т.