Гари Каспаров, поранешен светски шампион во шах и жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин, во интервју за германскиот магазин Шпигел изјави дека „секој Русин што моментално живее во Русија е дел од воената машинерија на Путин“, додавајќи дека „сите оние кои сакаат да да бидат на вистинската страна на историјата, тие треба да ја напуштат земјата“
Поранешниот шампион во шах вели дека поминал 20 години борејќи се против Владимир Путин.
„Отсекогаш сум велел дека неговиот режим нужно ќе стане фашистичка закана и не само за Русија и нејзините соседи, туку и за целиот свет. Би било убаво повеќе луѓе да го сфатат сериозно тоа предупредување“, рече Каспаров.
На прашањето дали фактот што живее во странство (Каспаров е во политички егзил од 2013 година) го става во позиција да поставува такви барања кон оние кои се уште не ја напуштиле Русија, Каспаров одговори: „Ова е војна. Или си на едната или на другата страна. Секој граѓанин на Русија, вклучително и јас, сноси колективна одговорност за оваа војна, дури и ако не сноси лична одговорност“.
„Денешна Русија е фашистичка диктатура која, додека зборуваме овде, врши злосторства против човештвото. И секој Русин кој сè уште живее во Русија е дел од воената машина на Путин, без разлика дали тоа му се допаѓа или не“.
Каспаров рече дека Русите кои бараат азил надвор од нивната земја прво треба да потпишат декларација која содржи три точки: дека војната е криминална, дека режимот на Путин е нелегитимен и дека Украина е неделива.
„Со потпишување на таква декларација, секој Русин би бил предмет на кривично гонење во Русија според законите донесени од Путин“, додаде Каспаров.
Поранешниот шампион во шах вели дека „Путин никогаш не играл шах, туку покер и бил добар во геополитички покер“.
„Тој често играше со лоши карти и победуваше затоа што неговите противници веруваа во неговите блефови“, рече Каспаров.