Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров во понеделникот на социјалната мрежа Твитер го критикуваше недостигот на дејства против Русија, потсетувајќи дека уште во 2014 година предупредил дека Русија нема да застане на Крим и источна Украина.
„Сега сите признаваат дека сум бил во право, но сакаат да ги повторат истите грешки. Да се дозволи Путин да ја уништи Украина ја зголемува заканата од голем конфликт, вклучително и нуклеарен“, напиша Каспаров, додавајќи дека Путин бомбардира болници, бегалци и пензионерски домови во Украина.
„Но, ни беше кажано дека слободниот свет не смее да делува се додека тие болници, бегалци и домови не се во одредени линии на картата. И тие животи се важни, тие деца се важни“, рече Каспаров, гласен критичар на Путин.
Тој додаде дека не се работи само за членките на НАТО.
„Нема договор кој вели дека на САД и на другите големи сили од слободниот свет им е забрането да ја бранат Украина, која умира да ги заштити. Има само страв, истиот страв што ги спречи да дејствуваат во 2014 година и не доведе во оваа ситуација“, рече Каспаров, истакнувајќи дека американскиот претседател Џо Бајден ги повторува истите аргументи на американската администрација во времето на претседателот Обама.
„Херојска воздржаност! Какво раководство! Премногу си жесток, велемајстор Каспаров, да почекаме да видиме! Чекавме. Гледаме“, рече тој.
„Штом првиот руски тенк ја премина украинската граница, Западот го прогласи Путин за владетел на најголемата земја во Европа. Нема повеќе суверенитет, веќе не е дозволено да се повикуваат сојузниците да се борат – тоа може да го направи само Путин“, рече Каспаров, додавајќи дека САД и ЕУ сакаат да продолжат да купуваат руска нафта и гас.
Сакаат, вели, „да се вратат на пријатната корупција“.
„Диктаторите секогаш ескалираат, а Западот се откажува. Но, овој пат Украина одбива да се откаже. Западот сака полека да губи, тешките одлуки да ги пренесува на идната администрација. Сега Украина ги разоткри бидејќи Украина не сака да губи полека или воопшто да губи. Украина сака да победи. Помогнете им да победат“, рече Каспаров.
На крајот тој повика на воена помош за Украина и отворање на хуманитарни коридори.
„Украина не е на Путин. Престанете да се однесувате со неа како да е!“, заклучи тој.