Некогаш перспективниот пазар на автомобили во Русија падна на најниско ниво, а главните причини се санкциите наметнати на оваа земја и недостигот на делови.
Продажбата на нови автомобили во Русија падна за 84% во мај во споредба со истиот месец минатата година. Санкциите и меѓународната изолација доведоа до застој индустријата која некогаш беше главен извор на странски инвестиции.
Иако „Lada“ има нови планови за производство, а се споменува и враќање на „Moskvitch“, резултатите од продажбата покажуваат дека рускиот автомобилски пазар е во големи проблеми. Минатиот месец беа продадени помалку од 25.000 автомобили, што е најнизок резултат од 2006 година и помалку од една десетина од продажбата во најдобрите месеци во изминатите неколку години.
Изолацијата можеби имаше најголемо влијание врз автомобилскиот сектор, во кој доминираа странски компании, а со егзодусот на голем број производители како што е „Renault“, ситуацијата дополнително се влоши со ограничениот увоз на компоненти.
Во моментов работат само две од повеќе од 20 руски фабрики за автомобили, едната во локална сопственост, а другата кинеска. Сите европски производители, како и повеќето азиски, ги прекинаа испораките на автомобили, а дури и земјите кои не се приклучија на санкциите против Русија доживеаја бројни логистички проблеми.
Сегашните планови на владата на Русија се фабриките на странските компании кои ја напуштија оваа земја да ги користи за производство на поедноставни модели, со опрема од минатиот век и пониски стандарди за емисија на штетни гасови. Дополнително, се бара решение и за увоз на делови од Кина, но засега нема напредок на тоа поле.