Сепаратистичкото движење во шпанската провинција Каталонија ја зајакна својата моќ по регионалните избори одржани во неделата, а идната влада на тој проблематичен регион сега е во рацете на човек кој издржува затворска казна, процени денес агенцијата АП.
Ориол Хункерас, кој издржа една четвртина од 13-годишната затворска казна изречена за учество во обид за отцепување на Каталонија во 2017 година, доби поинаков затворски режим на крајот на јануари.
Хункерас може да помине дел од денот надвор од затвор. Хункерас посвети најголем дел од тоа време на чело на Републиканската левица на Каталонија, која сега е во позиција да избере партнери по освоените 33 места во регионалниот парламент.
Социјалистичката партија на премиерот Педро Санчез исто така освои толку места во парламентот, додека другата партија која се залага за независност на Каталонија, Заедно за Каталонија, освои 32 места. Регионалниот парламент има 135 места.
Иако неговата партија е левичарска, Хункерас ја исклучи можноста за коалиција со социјалистите, бидејќи Социјалистичката партија е против отцепувањето на Каталонија.
„Не се сомневам дека другите политички сили ќе сторат што треба, а тоа е да ја поддржат про-сецесионистичката партија која освои најмногу гласови“, рече Хункерас, повторувајќи дека верувањето на неговата партија е „јасно, цврсто и непоколебливо“.
Во Каталонија во октомври 2017 година се одржа референдум за независност и покрај противењето на централните власти во Мадрид. Тогаш каталонскиот парламент прогласи независност.
Владата на тогашниот шпански премиер Маријано Рахој, како реакција, ја суспендираше автономијата на Каталонија, ја смени својата влада, го распушти парламентот и воведе директна администрација на Мадрид во тој регион.
Во меѓувреме, тогашниот водач на таа покраина Карлес Пуџдемон избегал од Шпанија во Белгија.