Катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани денеска изјави дека палестинскиот Хамас дал „главно позитивен“ одговор на последниот предлог за прекин на огнот во Појасот Газа.
САД, Катар и Египет посредуваат во договор кој вклучува продолжен прекин на огнот и ослободување на израелските заложници кои ги држат милитантите на Хамас од 7 октомври.
Катарскиот премиер ова го изјави на заедничката прес-конференција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој е во посета на земјата. Блинкен денеска се сретна со лидерите на Египет и Катар по посетата на Саудиска Арабија еден ден претходно.
Катар и Египет се клучни сојузници на САД и често служат како посредници меѓу Израел и Хамас.
Блинкен на прес-конференција рече дека утре ќе му го пренесе на Израел одговорот на Хамас за предложениот договор во врска со заложниците кои се уште се држат во Газа од нападот на 7 октомври.
– Има уште многу работа да се направи, но ние продолжуваме да веруваме дека договор е можен, па дури и неопходен, и ќе продолжиме неуморно да работиме за да го постигнеме, рече Блинкен во Доха.
Палестинскиот исламистички Хамас набргу потоа објави соопштение, велејќи дека им го доставил на египетските и катарските посредници својот одговор на предлогот за примирје со Израел, кој ја вклучува судбината на заложниците кои се држат во Газа од 7 октомври. Во соопштението не се прецизира каков е тој одговор.
Ова е петта посета на Блинкен на Блискиот Исток од почетокот на војната во Газа на 7 октомври кога Хамас изврши терористички напад во јужниот дел на Израел. Во нападот загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили, а милитантите зедоа околу 250 заложници. Се верува дека околу 100 заложници сè уште се држат во Газа, откако голем број беа ослободени за време на еднонеделниот прекин на огнот во ноември.
Според Министерството за здравство во Газа, каде владее Хамас, 27.478 луѓе загинале на територијата од почетокот на војната на 7 октомври, а групите за човекови права го обвинуваат Израел за употреба на непропорционална сила.
Повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа сега се сместени во градот Рафа на границата со Египет и околните области, соопшти денеска Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА). Една четвртина од населението во Газа гладува, 85 отсто од населението мораше да ги напушти своите домови, а стотици илјади преживуваат во шаторските кампови.