Кацарска: Спорот со Бугарија е основната причина за намалената доверба на Македонците во ЕУ

од Vladimir Zorba
627 прегледи

Во извештајот на „Балкан Барометар“ за 2021 година стои дека довербата на Македонците во Европската Унија паднала на досега најниско ниво – 53%, а според директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, спорот со Бугарија е основната причина за оваа состојба и дека „овој ќорсокак укажува на тоа дека помеѓу државите членки на ЕУ не постои волја да се одржи во живот процесот на проширување воопшто“.

– Поради тоа мислам дека е и зголемен бројот на граѓани што мислат дека никогаш нема да станеме членка на Унијата, вели Кацарска во изјава за „Локално“.

Според неа интеграцијата во ЕУ на Северна Македонија до 2030 година по примерот на земјите кои пристапиле по 2000 година е малку веројатна.

– Преговорите со Црна Гора и Србија траат веќе скоро една декада и овие земји не се ни одблиску до нивно завршување. Новата методологија дополнително ќе го отежни процесот, поради што потребно е да бидеме свесни дека тој процес нема да се заврши преку ноќ. Секако, Европската унија во која евентуално би пристапиле ќе изгледа поинаку, бидејќи до тогаш ќе има нови контури како резултат на „Брегзит“, како и поради тензиите помеѓу државите членки. Не е исклучено да пристапиме во Унија во која ќе има некоја форма на диференцирана интеграција односно групи на држави членки кои потесно соработуваат на одредени прашања, објаснува Кацарска.

Во однос на тоа дали е потребна реформа во процесот на проширување на ЕУ за да имаме некакви шанси, Кацарска смета дека „за да имаме некакви шанси“ за влез во ЕУ клучна е политичка одлука на лидерите на државите членки на ЕУ и само така „Унијата би се проширила на Балканот во идната декада“.

На прашањето дали „малиот Шенген“ треба да биде замена за ЕУ и Владата да ги насочи своите сили на тој план, Кацарска смета дека регионалната интеграција мора да се гледа во контекст на поголемата цел на ЕУ интеграција.

-На крајот на денот, ние и во идеален случај кога сите би пристапиле во Унијата би биле еден регион со заеднички интереси. Прашањето е колку имаме капацитет да ги туркаме двата процеси и да ја осигураме нивната комплементарност, како и да ги заштитиме нашите интереси онаму каде што е потребно, објаснува таа.

Во извештајoт на „Балкан Барометар“ стои и дека процентот на граѓани кои би го напуштиле регионот за да работат во странство се намалува со секоја измината година, откако во 2015-та бил 45, а во 2021 е 37%, но според директорката на Институтот за европска политика, овој процент варира и тешко е да се тврди дека има причинско последична врска со подобрување на состојбите во регионот на економски план.

– Кон овој одговор придонесуваат многу фактори, како што се големиот број на веќе иселени лица, пандемијата и генерално кризата која несомнено ќе следи по пандемијата, смета Кацарска.

Б.М.

Слични содржини