Грузиските пратеници го избраа Михаил Кавелашвили, проруски критичар на Западот, за нов претседател на земјата. Кавелашвили во неколку наврати годинава тврдеше дека западните разузнавачки агенции сакаат да ја однесат Грузија во војна со Русија.
Кавелашвили e поранешен грузиски фудбалски репрезентативец, кој во 90-те играше и за англискиот тим Манчестер сити.
Во Грузија, претседателите се бираат од пратениците и претставници на локалната власт. Од 225 пратеници и претставници на локалната власт, 224 гласаа за Кавелашвили, кој беше единствен кандидат.
Во Грузија речиси секојдневно се одржуваат протести откако владејачката партија Грузиски сон прогласи победа на парламентарните избори во октомври. Посебно големи протести имаше откако минатиот месец власта донесе одлука да ги одложи пристапните преговори со ЕУ.
Опозицијата го отфрли денешниот избор на Кавелашвили како нелегитимен и кажа дека актуелната претседателка Саломе Зурабичвили останува единствен легитимен лидер во земјата.
Уште од раните утрински часови, демонстранти се собраа пред зградата на парламентот, која што беше опколена од полициски кордон. Протести се закажани и на неколку други локации во главниот град Тбилиси.