Претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг и поранешен државен министер на Германија за Европа, Михаел Рот денеска ја критикувал авторитарната политика на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој претходно го нарече „србомразец“.
Рот на социјалната мрежа „Х“ објави дел од говорот на Вучиќ од денешната прес-конференција и му одговори дека констатацијата „Државата – тоа сум јас“ повеќе не важи во Европската Унија.
„Ти не си Србија, претседателе Вучиќ! Те критикувам тебе, твоето пријателство со Русија и твојата авторитарна политика. Од друга страна, го сакам српскиот народ. Тоа (што го наброја) е најголемата пречка за влез на вашата земја во ЕУ“, напишал претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг.
Вучиќ претходно се осврнал на расправата што на „Х“ ја започнал одговорот на српската премиерка Ана Брнабиќ на оценката на Рот дека изборите во Србија не биле ниту фер, ниту слободни.
„Замислете Ана Брнабиќ се осмелила да му одговори на Рот. Нека си игра со други земји, со Србија нема да игра. Не е господин, добро го познавам, тој е најголемиот србомразец во Германија“, ѝ рекол Вучиќ на премиерката, додавајќи ѝ следниот пат да одговори „три пати посилно“.
Брнабиќ вчера на „Х“ возвратила дека десет години Бундестагот не спровел ниту една препорака на ОДИХР во врска со германските избори.
Рот порачал дека ОДИХР никогаш не регистрирал огромни изборни нерегуларности во Германија, организирано уредување на избирачкиот список и транспорт на фантомски гласачи, по што Брнабиќ го обвинила дека „не се ни трудел да го прочита“ извештајот за Србија.