Кавга СДСМ Vs ВМРО-ДПМНЕ за квалитетот на воздухот

од desk3
116 прегледи

Опозициската СДСМ денеска излезе со соопштение за состојбите околу квалитетот на воздухот. Во него се вели:

сдсм седисте

“Мерните станици постојано покажуваат огромна загаденост на воздухот во Македонија.

Станицата во Лисиче покажува дека последните три дена воздухот во овој дел од Скопје бил загаден 10 пати над дозволеното. Концентрацијата на штетните честички ПМ10 се движел од 415 до 534 милиграми а дозволени се само 50 милиграми.

Иста е состојбата и во другите делови во Скопје, Карпош, Центар, но и во Тетово, Кавадарци, како и во поголемите градови во Македонија.

Според Светка банка Македонија е на самиот врв по годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од канцерогените честичките кои предизвикуваат рак. Извештајот „Зелен раст“ на Светска банка покажува дека Македонија е на прво место на листата за изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички. Тоа е најголемата причина за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно во Македонија, од рак и болести на дишните патишта.

Никола Груевски го згорчи секојдневниот животот на граѓаните, економски го сруши стандардот и ги осиромаши. Дополнително, не само што Груевски го контаминираше целото општество, слободата во медиумите, туку го загрози најскапото нешто, здравјето на граѓаните.

За споменици и бронза Никола Груевски потроши над 630 милиони евра а цели 10 години проблемот со огромната загаденост на воздухот што ги труе граѓаните нема решение.

Дури и пред заминување Груевски сака да ги задолжи граѓаните со нови 500 милиони евра а да ги остави да се гушат во нечист, загаден воздух.

Тоа е Никола Груевски кој на граѓаните им одзема 10 години од животот.

Граѓаните се обединија против политиките кои им го загрозуваат животот: збогум Никола!”

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ:

вмро дпмне

“За разлика од СДСМ, оваа влада го воспостави мониторинг системот за мерење на квалитет на воздух. СДСМ како и за се, така и за ова немаше храброст и намера да се справува со проблемот, па одлучи дека најдобро е да не прави ништо, стои во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ, на денешното соопштение од СДСМ за загаденоста на воздухот во Македонија.”

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се потенцира, го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1-ви април 2014 година.

– Оваа влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација, се појаснува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.

Градоначалникот Коце Трајановски, се потсетува, прави проект за велосипедски патеки во должина од 50 километри. Се набавија електрични возила и мотоцикли. Се формираше комитет за здравје и животна средина. Се заменија котлите за греење на гас во Клинички центар и други здравствени домови и во поголем број училишта.

– Во моментов се реализира проект за осовременување на лабораторијата за воздух и Министерството за здравство набави уште две мобилни мерни станици. Акредитирана е и лабораторијата на универзитетот во Штип која ја мери и концентрацијата на ПМ честичките. Се распиша тендер за набавка на резервните делови на станиците. Се изработи и стратегија за животна средина и здравје со акциски план која е поддржана од Светската Здравствена Организација, се наведува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.

Тенденцијата за промени на подобро никогаш не прекинала. Напротив, подвлекува ВМРО – ДПМНЕ во реакцијата,владата на ВМРО-ДПМНЕ постојано прави промени на подобро, водејќи сметка за сопственото и за здравјето на граѓаните – сите дишеме ист воздух.