Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токајев денеска изјави дека ја одбил понудата на белорускиот претседател, Александар Лукашенко, Казахстан да се приклучи на државната заедница на Русија и Белорусија, пренесува агенцијата „Анадолија“.
„Претседателот на Република Белорусија Александар Григоревич Лукашенко му понуди на Казахстан да се приклучи на заедницата на држави. Ја ценев неговата шега. Мислам дека нема потреба од тоа бидејќи има и други асоцијации за интеграција, пред се Евроазиската економска унија (ЕАЕУ)“, рече Токајев на средбата со земјоделските производители на северот на Казахстан.
Тој рече дека исто така ја негира потребата на Казахстан од нуклеарно оружје врз основа на пристапувањето на земјата кон Договорот за неширење на нуклеарното оружје, како и Договорот за сеопфатна забрана за нуклеарни тестови.
„Остануваме верни на нашите обврски според овие меѓународни инструменти. Мислам дека соработката во овој огромен евроазиски регион или како што сега се нарекува Голема Евроазија треба да се развива во економска насока, за која сите сме заинтересирани. Мораме да создадеме вистински заеднички пазар“, рече Токајев.