КАЗАХСТАН: Од најавата за мобилизација границата ја минале 98.000 руски граѓани

од Vladimir Zorba
205 прегледи

Околу 98.000 Руси преминаа во Казахстан откако рускиот претседател Владимир Путин објави дека започнува делумна мобилизација на резервисти за да се борат во Украина, објавија властите во земјата, пренесува АП.

Мажите во Русија кои сакаат да избегнат да бидат регрутирани во резервниот состав продолжуваат да бегаат, и со авион и по копно, најчесто во соседните земји.

Казахстан и Грузија, кои и двете беа членки на поранешниот Советски Сојуз, се чини дека станаа најпопуларни дестинации за оние што ја минуваат границата со автомобил, велосипед или пеш.

Оние кои имаат визи за Финска или Норвешка, исто така ја напуштаат Русија по копнен пат. Авионските билети за заминување во странство се зголемени и покрај драматично високите цени.

Казахстанскиот министер за внатрешни работи Марат Ахметџанов, објавувајќи го бројот на руски државјани кои ја минале границата, изјави дека властите нема да ги вратат дома оние кои ќе се обидат да ја избегнат мобилизацијата, освен ако не се на меѓународни списоци на лица обвинети за кривични дела.

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев и нареди на својата влада да им помогне на Русите кои влегуваат во земјата „поради сегашната безизлезна ситуација“.

„Мораме да се грижиме за нив и да ја обезбедиме нивната безбедност. Тоа е политичко и хуманитарно прашање. Ја задолжив владата да ги преземе неопходните мерки“, рече Токаев, додавајќи дека Казахстан ќе разговара со Русија за ситуацијата.

Слични содржини