Ќе добие ли поддршка Арсовска за политиките во Градот од страна на совениците?

од Берта Китинска

Откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ги разреши досегашниот директор на ЈП “Водовод и канализација”, Златко Перински и секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека е можно советниците од нивнте редови повеќе да не даваат поддршка за Арсовска во Советот на Град Скопје.

Таа вели дека очекува од сите советници да ги поддржат проектите кои значат подобар живот за скопјани.

Советничката Теодора Крстевска од ДОМ, вели дека градоначалничката и мнозинството имаат стопирано одлични проекти , изразувајќи надеж дека ќе се најде начин „како работите да течат без да се блокира функционирањето на градот“.

-Сите сценарија се возможни, со оглед на тоа дека гледаме како ВМРО ДПМНЕ прави опструкции и во Собрание. Без разлика, дали се мнозинство или опозиција кај нив мора да има некаков проблем. Сметам дека доволно одлични проекти се стопирани токму од Градоначалничката и мнозинството, видете што се случи со БРТ и што се случува со прочистителната станица, да не зборуваме за ГЕС и колкава шанса да се помогне на граѓаните на Скопје па и на самиот град се пропушти со негрижата кон ова претпријатие. Искрено се надевам дека за доброто на сите граѓани, ќе се најде начин како работите да течат без да се блокира функционирањето на градот. Сепак советот го има последниот збор кога се проектите и буџетот во прашање, објаснува советничката.

Крстевска смета дека честото менување на раководните позиции во градските претптијатија доведува до нестабилност, додавајќи дека конзистентноста е важна за функционирање на едно претпријатије.

-Без разлика дали станува збор за приватен или јавен сектор, секое често менување на раководните позиции доведува до нестабилност, а сите знаеме колку конзистентноста е важна за функционирање на едно претпријатије. Арсовска има тенденција постојано да менува директори, од која причина, само таа знае. Работата на Градот мора да тече непречено, што не верувам дека со овие постојани промени ќе биде така. Замислете, на секој еден директор да му требаат по месец два, за да ги преземе сите активности. Што значи ова за градот? Не ефикасно работење кое во никој случај не е во служба на граѓаните. Да, секој може да погреши во процена и да сака да ја промени грешката, но по ова изгледа Арсовска не знае добро да процени кадар. Плус, она што е уште понелогично е тоа што до сега гласавме квартални и полугодишни извештаи каде токму овие директори беа фалени од мнозинството и од градоначалничката за добрата работа, сега одеднаш проблем, вели таа.

На прашањето дали СДСМ по логиката на Мицкоски кој предлага со референдумот и предвремените избори да бидат зедно организирани, треба да побара предвремени избори и за градоначалник на Скопје,советничката потенцира дека „ВМРО ДПМНЕ се тие кои во сиот овој хаос би побарале предвремени избори за градоначалник“ .

-По таа логика да, но искрено не верувам дека би оделе во таа насока. Мислам дека ВМРО ДПМНЕ се тие кои во сиот овој хаос би побарале предвремени избори за градоначалник. Сепак, таа ја имаше нивната безрезервна поддршка за време на изборите и во првава година, подвлекува Крстевска.

За изјавата на Арсовска во која вели: „Градот Скопје е град на сите Скопјани, за тоа сите носители на овие раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери. Скопје мора да биде модерен град, град на сите Скопјани“, советничката смета дека самото нејзино преставување како независен кандидат бил класичен ПР.

-Директорите отчет мора да дадат отчет пред народот и токму затоа тука е советот како претставник на граѓаните на Скопје, токму затоа се гласаат извештаи, квартални, полугодишни, годишни. Затоа се советничките прашања. И кога ќе се земе сето тоа на куп, со мнозинство гласови се одлучува дали некој работел добро или не, дали треба да се доделат субвенции за да се помогне на претпријатието. Да држеше оваа теза на Арсовска вистински, ќе прифаќаше амандмани и предлози и од опозицијата, и ние сме претставници на граѓаните иако немаме мнозинство. Да сакаше Скопје навистина да биде модерен град немаше да прекинува проекти кои ќе помогнат во модернизирање на градот, немаше да го намалува буџетот за животна средина и навистина ќе покажеше дека е градоначалник на сите. Која е причината за овој циркуз допрва ќе дознаеме, вели таа.

Александар Трајановски, советник во Град Скопје од редовите на партијата „ГРОМ“, не очкеува колегите од советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ заедно со членството и симпатизерите да ја опструираат работата на градоначалничката, бидејќи тие имаат агитирано и гласале за програмата на Арсовска, во која има и нивни предлози и проекти.

-Се надевам дека не е така. ВМРО-ДПМНЕ и други политички субјекти вклучувајки го и ГРОМ ја поддржавме Арсовска во нејзината кандидатура и програма. Ако и ние од ГРОМ бевме „дил ориентед“ требаше први да и го свртиме грбот, но за ГРОМ интересот и потребите на граѓаните се многу поважни. Колегите од советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ заедно со членството и симпатизерите агитираа и гласаа за програмата на Данела Арсовска, а во таа програма има и нивни предлози и проекти. Доколу од сега ја опструираат и блокираат реализацијата на истите, кого навистина тие ќе опструираат и казнуваат? Одговорот е граѓаните на Скопје, особено оние од кои ја барале поддршката пред нецела година, посочува тој.

Според него оставките на директорите и раководителите на градските претпријатија не можат да му наштетат на работењето на Градот, бидејќи како што вели тој, ќе бидат назначени нови и тековната работа ќе продолжи.

-Во оваа ситуација станува збор за поинаков проблем, ќе пробам да поедноставам: Градоначалничката е во право, кадровите решенија за раководители и директори можеби се предложени од политичка партија, но ги назначува и именува градоначалникот на Град Скопје. Кога градоначалник кој со програма победил на избори ќе ве назначи за директор на јавно претпријатие вие станувате реализатор на таа програма во интерес на граѓаните, а не реализатор на евентуалните сомнителни бизниси во интерес на криминогени индивидуалци од партија, подвлекува Трајановски.

Во врска со тоа дали СДСМ треба да побара предвремени избори за градоначалник на Скопје, советникот децидно вели „ако СДСМ тргнат по логиката на Мицкоски ќе завршат во опозиција“.

-Ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи по логиката на Мицкоски никогаш нема да дојде на власт. Сметам дека премногу партиски акцент се става на Град Скопје како институција. Да потенцираме или да повториме уште еднаш дека Данела Арсовска беше надпартиски кандидат на повеќе политички и граѓански субјекти, за време на кампањата тоа им одговараше, а зошто сега не? Ова е само уште едена од низата неконзистентни политики на „лидерот на опозицијата, посочува тој.

За изјавата на Арсовска во која вели: „Градот Скопје е град на сите Скопјани, за тоа сите носители на овие раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери. Скопје мора да биде модерен град, град на сите Скопјани“,Трајановски посочува дека „девијацијата и дефектот е во наметнувањето на партиската моќ и влијание во институциите и секако оние кои мислат дека партијата е пред институциите и граѓаните“.

-Градоначалник се бира на непосредни избори од страна на граѓаните, затоа директорите или вршителите на јавни функции назначени од градоначалникот треба и мора да одговараат пред градоначалникот, а следствено со тоа одговаарат и пред граѓаните. Ова не се зборови на Арсовска, ова се одредби од законот за Јавните претпијатија и секако дел од статутите на Јавните претпријатија. Девијацијата и дефектот е во наметнувањето на партиската моќ и влијание во институциите и секако оние кои мислат дека партијата е пред институциите и граѓаните. Не гледам проблем во назначувањето, тоа се понудени решенија за раководни позиции кои биле прифатени, но исто така не гледам проблем и во разрешувањето, бидејќи тоа се менаџерски раководни позиции кои се евалуираат врз основа на сработеното, а не блискоста, лојалноста и исполнителноста кон партискиот лидер.Што се однесува до Гол ПР, тоа е кога лице без никаква јавна функција освен лидер на опозициска партија гостува по медиуми и најавува тендери за купување автобуси, оди по градови и општини, дава изјави за некакви тековни проекти и изградба на игралишта, локални патчиња и канализации, а притоа нема никакво својство, ингеренции, а уште помалку придонес за истото, посочува тој.

Б.М.

Слични содржини