Ќе ја подигне ли дисциплината во трошењето на јавните средства новиот заем од ММФ?

од Vladimir Zorba
794 прегледи

Финансирањето на буџетот преку заем од ММФ е поевтината варијанта бидејќи еврообврзниците имаат повисока цена. Економистите кои на оваа тема ги консултираше „Локално“ велат дека причините за менување на стратегијата на македонската влада се објективни во услови на зголемени расходи од централниот буџет како резултат на енергетската криза и негативните последици од војната во Украина.

Беше очекувано дека расходите ќе бидат поголеми од планираните а дефицитот ќе расте, но кризата, вели Благица Петрески од институтот „Financethink“, влијае и на глобалните финансиски пазари што упатува дека позајмувањето нас ќе не чини поскапо.

Позајмувањето од Меѓународниот Монетарен Фонд е алтернатива која може да е поефтина во споредба со позајмувањето на приватните пазари, и на тој начин да се намали трошокот по основ на камати. Но, истовремено, позајмувањето кај ММФ може да има и построги клаузули, во смисла на придржување до долгорочната стратегија за фискална консолидација и движење на буџетскиот дефицит во одредени граници. Тоа од една страна може да ја подигне дисциплината во трошењето на јавните средства, но од друга страна го стеснува просторот за широкопојасни и нетаргетирани интервенции, објаснува Благица Петрески од Financethink.

Висината на заемот што Северна Македонија би го земала од ММФ, според академик Абдулменаф Беџети ќе зависи од пресметките што се прават за ребалансот. Потребата од „стегање на каишот“, според него, нема многу допирни точки со суштината на обвинувањата на опозицијата дека власта премногу ја задолжува државата.

Се доведува во прашање нејзиното морално право бидејќи тие први го потрошија фискалниот простор кога долгот од 26% го зголемија на 51% и тоа на сосема непродуктивни инвестиции ( Скопје 2014), забележува Беџети потсетувајќи дека во тој период немаше тешкотии како сегашните: глобална пандемија, воен конфликт и ценовна инфлација.

Она што според него е сигурно во моментов е дека овие тенденции и трендови на јавниот долг ќе влијаат врз економската рекуперација.

-Секако дека до крајот на јуни ќе биде потребна сума што е меѓу 600 и 900 мил.евра а до крајот на годината, се ќе зависи од состојбите во Украина, вели Беџети потенцирајќи дека проблемот има и етичка димензија бидејќи финансиски се оптоваруваат и генерациите кои не учествуваат во процесот на одлучување бидеќи се помлади од 18 години.

Дека во вакви околности просторот за управување со јавните финансии е стеснет, се согласува и Петрески.

Со ребалансот, на страната на расходите, потребно е да се елиминираат во целост непродуктивните трошења, тука не мислам само на популарните патни трошоци, возила и мебел, туку и на низа субвенции кои имаат широк таргет, па во таа насока да се направи темелна рационализација, нивно позначајно таргетирање и реструктуирање преку фокус кон најголемите приоритети (на пример домашно производство на храна и електрична енергија). Од друга страна, на страната на приходите, треба да јакне даночната база и тоа главно преку формализација на неформалната економија. Таа има значајно учество во економијата во различни форми и е скриен потенцијал кој во кризни услови кога бизнис секторот е кревок и потенцијалот за полнење на буџетот е ограничен, треба да се искористи за прибирање на дополнителни буџетски средства, вели Петрески.

Беџети повикува на внимателност при креирање на ребалансот. Според него, линеарното намалување на трошоците (со 10%) не е економски оправдано.Како приоритетна ја наложува потребата од диференцирање на економските намени,  бидејќи како што вели кај  платите и надоместоците , социјалните трансфери и обврски, како и кај ануитетите за плаќање на долгови и камати не се  можни кратења ни за 1%, а не за предвидените 10 %.

Кај капиталните инвестиции, посебно кај непродуктивните треба сериозно да се крати а тука спаѓаат набавки на мебел, возила, уредување на административни простории и сл. Не треба да се чепкаат проектите од економската инфраструктура во енергетика, транспорт, екологија, здравство, образование, ..иако не мислам дека набавката на воена опрема за одбрана, ни е потребна токму сега. Нема такви што мислат дека 60 мил. евра зголемен буџет за одбрана во 2022 год. ќе не направи посигурни од евентуални ризици. Ете дури и таму може да се најде простор и во време на воени ветришта. Гледате дека на Украина и пет милијарди евра воена опрема испорачана од западот, досега не и помогнаа многу, објаснува Беџети.

Според Владата, парите што Македонија би ги добила со кредитната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ, ќе бидат за поддршка на стандардот на граѓаните и стопанството.Новиот заем треба да се одобри по скенирање на економските состојби од стрна на „монетарците“ кои ако оценат дека земјата ги исполнува условите, тогаш каматата за позајмицата ќе изнесува 1 %.

К.В.С.

Слични содржини