Шведскиот производител на батерии Northvolt ќе гради фабрика за преработка на литиум со португалската компанија Galp Energia, пренесе Ројтерс.
Инвестицијата се проценува на околу 700 милиони евра, се со цел да се одговори на зголемената побарувачка за литиум-јонски батерии за електрични возила.
Заедничкото вложување Aurora (50/50 во сопствеништво) ќе управува со фабрика со почетен годишен капацитет за производство до 35.000 тони литиум хидроксид, клучен материјал за производителите на литиум-јонски батерии, соопшти денеска шведската компанија.
Northvolt, чиј најголем акционер е Фолксваген, најави дека фабриката во Португалија ќе биде најголема на европскиот континент и дека ќе почне со комерцијална работа во 2026 година.
Се проценува дека ќе се отворат 1.500 работни места, а одлуката за локацијата на фабриката и конечниот износ на инвестиции се уште не се прецизирани.
„Заедничкото вложување во моментов врши технички и економски студии и разгледува неколку можни локации“, се вели во соопштението на Northvolt.
И додека Кина сè уште е дом на 80% од глобалното производство на литиум-јонски ќелии, Northwolt има за цел да ги преземе главните азиски играчи како што се CATL и LG Chem.
„Проширувањето на новиот европски синџир на вредност со вклучување на суровините е од клучно значење“, рече ко-основачот на Northwolt, Паоло Черути.
Повеќе од половина од литиумот во светот се користи за производство на батерии за полнење, кои, меѓу другото, се користат и во мобилните телефони и лаптопите.