Со убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
„Од осамостојувањето па се до денес имавме повеќе предизвици и искушенија, сега повторно сме пред нов предизвик во однос на постојната економска и енергетска криза“, вели професорот д-р Јове Кекеновски во разговор за „Локално“ кој за време на осамостојувањето на државата бил потпретседател на Собранието на Град Скопје, односно заменик градоначалник.
-Од осамостојувањето па се до денес имавме повеќе предизвици и искушенија, но како најкритични сметам дека се: 1999 година кога поради војата на Косово, Македонија ги отвори своите граници за косовските бегалци кои бегаа од Косово во Македонија. Најголем дел од нив (според некои податоци околу 360.000 бегалци) останаа да живеат во Македонија. Потоа 2001 година кога албанската паравоена формација Ослободителна народна армија (скратено ОНА), ги нападна безбедносните сили на Македонија и го наруши мирот и стабилноста на државата. Потпишувањето на Рамковниот договор со кој се прекинаа воените дејствија и со кој и се овозможи на албанската етничка заедница да остварат повеќе индивудални и колективни права, статус и позиција кои се далеку над општо прифатените меѓународни стандарди и правила загаранирани со меѓународните документи и акти, смета Кекеновски.
Според него, селективниот начин на имплементацијата на Охридскиот договор, довела албанската заедница да се издигна „до степен на втор конституент на државата“.
-Поради тоа што не само Македонците туку и странците се повеќе се согласуваат и ја опишуваат Македонија како бинационална држава.Потоа следува потпишувањето на Преспанскиот договор со кој не натераа да си го смениме името како и прифаќањето на Францускиот предлог со кој сите излузорни, недемократски и нецивилизирани барања на Бугарија станаа составен дел на преговарачката рамка за наше членство во ЕУ. И на крајот по две годишната Ковид-19 криза сега повторно сме пред нов предизвик во однос на постојната економска и енергетска криза со која власта никако не може да се справи бидејќи нема никаков капацитет, појаснува професорот.
Кекеновски смета дека постои поделеност кај граѓаните по сите основи и дека самата послушна и заслепена „партиска маса“, во ниту една варијанта не може да излезе посилна.
-Секако дека погрешно водената политика со години наназад, немањето консензус по ниту едно круцијално прашање, безобразното и дрско партизирање на инститициите на системот со неписмени или полуписмени некадарници и алчни партиски персони придонесе да сме тука каде што сме и да сме такви какви што сме. Со ваква поделеност на граѓаните по сите основи, со послушна и заслепена партиска маса во ниту една варијанта не можеме да излеземе посилни. Напротив ќе бидеме сѐ поранливи. Од сево ова посилни , мислам пред се финансиски ќе излезат само политичарите кои и понатаму безочно ќе крадат, ќе не распродаваат и секој ден се повеќе ќе го досиромашуваат овој наш напатен народ, смета тој.
Предизвикот за членство во ЕУ, според него е приоритет од денот на нашето осамостојување, појаснувајќи дека промените на Уставот кои се услов за да се продолжат преговорите со ЕУ, со овој владин состав тешко може да се исполнат.
-Поради немање политички сенс како побезболно да ги надминеме пречките кои досега ни стоеа на патот, а од друга страна лицемерието и недоследноста на членките на ЕУ не доведоа до оваа ситуација во која се наоѓаме. Сега сме принудени на нови понижувања односно измени во Уставот за да се задоволи идиотизмот и потребата за ретуширање на сопствената историја на високите политички претставници на нашиот источен сосед. Тешко дека во една ваква констелација на односи можат да се случат вакви уставни измени. Но доколку и се случат тоа ќе бидат на ист начин како и преходните измени. Значи со уцена и купување пратенички гласови. А ,тоа мора да признаеме дека е казниво со законот, подвлекува Кекеновски.
Тој смета дека се потребни нови избори, бидејќи овој владин состав „нема ниту кредибилитет, ниту капацитет да не извади од кризата во која сме западнати од поодамна“.
-Членството во ЕУ ќе остане „мисловна именка“ подолго време со оглед на фактот што нашата власт и ЕУ ширум и ги отворија вратите на Бугарија за понатамошно уценување и кочење на нашиот европски пат, вели Кекеновски.
31 година независност
На овој ден пред 31 година, во предвечерјето на распадот на тогашна СФРЈ, се одржа референдум на кој убедливо мнозинство – 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски состав на Собранието на Република Македонија ја усвои на 25 јануари 1991 година.
По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собраа на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, каде беше организирана свеченост насловена Глас за Македонија со настап на стотина естрадни ѕвезди.
Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина.
Б.М.