Командантот на КФОР, генерал-мајор Ференц Кајари изјави дека ситуацијата на северот на Косово е смирена и предупреди дека меѓународните сили повеќе нема да дозволуваат поставување барикади на патиштата.
Во интервју за РТК, Кајари потсети дека во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, КФОР е должен да ја зачува животната средина и редот на Косово и да обезбеди слобода на движење за сите граѓани.
„Поставувањето на барикади не помага во решавање на ситуацијата. Ако се постават барикади, тоа го оневозможува слободното движење, а ако не се постигне договор, ќе дојдеме до момент кога КФОР ќе мора да делува за да овозможи слобода на движење“, предупреди генералот.
Тој потврди дека на северот на Косово е зголемено присуството на КФОР, кои, според него, поставиле набљудувачници и технички контролни точки.
„Ги зголемивме патролните активности во целиот регион. Овие мерки за преземаат за да бидеме спремни за секој инцидент и поради поголема безбедност. Ако има тензии, ќе постапиме по својот мандат“, наведе командантот на КФОР.
Србите во северно Косово на 31 јули вечерта ги блокираа патиштата во близина на два клучни гранични премини со Србија. Tензиите се зголемија зашто на 1 август требаше да стапат на сила две одлуки на косовската влада со кои веќе нема да важат српските регистарски таблички за косовските градови и одлука со која ќе им се издава дополнителен документ за влез-излез на луѓето со српски лични карти.
Владата на Албин Курти ја одложи одлуката за еден месец и треба да стапи на сила на 1 септември.