По два круга гласање, 75 новинарки од 52 земји во светот го избраа најдобриот автомобил во 2024 година. Во првиот круг на гласање учествуваа 63 модели, по што беа прогласени победниците по категории.
Volvo EX30 е прогласен за најдобар семеен автомобил, BMW Серија 5 е избран за најдобар голем автомобил, Kia EV9 е најдобар SUV, Volkswagen Amarok е најдобар пикап, а Aston Martin DB12 е најдобар премиум автомобил.
Од овие пет возила, новинарките го избраа моделот Kia EV9 за најдобар автомобил во 2024 година.
„Овогодинешниот избор беше особено тежок поради силната конкуренција“, рече Марта Гарсија, извршен претседател на организацијата за доделување награди, додавајќи: „Секој од финалистите имаше доволно заслуги да го освои трофејот“. Kia EV9 ги победи своите ривали бидејќи возилото е способно да ги задоволи потребите на повеќето потрошувачи“.
По внимателна анализа, судиите со големо мнозинство го фаворизираа Kia EV9 како водечки избор во сферата на електричните SUV, прв од ваков вид со седум седишта. И покрај значителната должина од 5 метри, возилото се издвојува по својата аеродинамика, што придонесува за неговите одлични перформанси. Kia EV9 има премиум дизајн, вклучува напредна технологија и нуди можности за двонасочно и ултра брзо полнење.
„Kia разви голем теренец со електричен мотор кој се издвојува по добрата аеродинамика, иновативниот дизајн, високото ниво на технологија и нуди двонасочно полнење“, изјави шпанската новинарка Сара Сорија, пренесува „N1“.
Естонската новинарка Уле Рајасар истакна уште една важна работа за овој автомобил: „Многу простран, разноврсен, повеќенаменски електричен автомобил. Електричниот погон на четири тркала е многу моќен, а различните режими на возење го прават EV9 одлично возило и на минусни температури и на снег. Го тестирав автомобилот и на високи минуси, каде што автомобилот се однесуваше како обичен луксузен автомобил: брзо се загреваше, а минусите не влијаеа многу на километражата. Тоа е големо достигнување на овој корејски производител на автомобили“.
Оваа уникатна награда има за цел да ги препознае најдобрите автомобили на годината и да им даде глас на жените во автомобилскиот свет. Критериумите за гласање се засноваат на истите принципи кои го водат секој возач при изборот на автомобил.
Жирито не избира „женски автомобил“, бидејќи такво нешто нема, а при гласањето за најдобар автомобил на годината се земаат во предвид аспекти како безбедност, квалитет, цена, дизајн, леснотија на возење, придобивки и влијание врз животната средина.