Кибер полицајци против кибер џихадистите

од Vladimir Zorba
92 прегледи

 

Идеологијата на Исламската држава е средновековна, но се шири со најмодерни средства, по пат на социјалните мрежи. Европол сега се обидува да им ја фати трагата во дигиталниот свет.

We-are-all-ISIS

Хакиран е налогот на американската Врховна команда Centcom. Хакерите навеле дека се симпатизери на Исламската држава.

Пропагандата е дел од секоја војна. Посебно тероризмот живее од ширење на страв и омраза. Интернетот и социјалните мрежи се користат како средство за асиметрични војувања. Кога се работи за социјалните медиуми, Исламската држава (ИД) се разви во супер сила.

На повеќе јазици и на различни платформи се шири пропаганда и говор на омраза, се врбуваат нови регрути и се мамат млади жени да дојдат на територии кои се под нивна контрола, ги анимираат луѓето да извршуваат атентати во своите земји.

Во есента 2014 година имало 46.000 налози на Твитер на лица кои ја поддржуваат Исламската држава. Во просек секој од нив има околу 1.000 лица кои го следат. Во почетокот на јуни еден американски тинејџер морал да одговара пред суд затоа што преку Твитер организирал финансиска поддршка на ИД, користејќи ја дигиталната валута биткоинот.

Ново основаните единици на европската полиција Европол сега сакаат да се соочат со оваа онлајн офанзива на Исламската држава. Единицата Internet Referral Unit е основана на 1 јули 2015 година. На почетокот тоа ќе бидат само 15 соработници кои на различни јазици, меѓу кои е и арапскиот, ќе ги пребаруваат мрежите во потрага за екстремистички содржини. Со полн капацитет трупите на Европол треба да почнат да работат во јули 2016 година.

Одговорен за Internet Referral Unit е Вил ван Гемерт, заменик шеф на операцијата. Тој секако нема илузии дека Европол ќе ја исчисти комплетната мрежа на џихадисти, но изрази очекување дека на екстремистите значително ќе им се отежне работата.

Како прво, мора да се идентификуваат содржините кои повикуваат на насилство. Потоа треба да се контактираат операторите на тие платформи за да се уништат таквите содржини и да се блокираат налозите од кои се пратени; и трето, службениците на Европол треба да ги анализираат пораките и своите сознанија да ги споделат со државите-членки на ЕУ, каде потоа би можеле и кривично да се процесуираат.

И Германија сака да се спротивстави на екстремистите во мрежите

Некои држави-членки на ЕУ во своите државни полиции веќе основаа таков вид на единици, вели во разговор за Дојче веле Ван Гемерт и укажува на искуството од Велика Британија. И во Германија исто така се дискутира за тоа како да се спротивстават на екстремистите кои се вмрежени.

Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер, претстави дигитална стратегија против џихадистите, а за тоа се дискутираше кон крајот на јуни и на Глобал Медиа Форумот кој го организира Дојче веле во Бон.

Кајл Метјус, заменик-директор на Инстутот за геноцид и студии за човековите права во Монтреал верува дека на меѓународната антитерористичка коалиција во сајбер просторот и треба нова стратегија против тезите на Исламската држава. Во пракса мора исто така да се обезбеди простор за тие кои ја напуштаат ИД или да им се овозможи на жртвите на ИД уште посилно да зборуваат за своите искуства.

И мала акција во дигиталната борба би била од големо значење. Американскиот Брукинг Институт објави во март студија за тоа како ИД го користи Твитер за свои цели. Авторите на студијата констатираат дека значајниот успех на ИД на социјалните мрежи може да им се припише на еден мал број на хиперактивни корисници кои имаат од 500 и до 2.000 налози.

Европол така ќе ги открие овие посебно активни налози и ќе провери кои од нив се дел од онлајн групите кои ја поддржуваат ИД. Новите единици на Европол се дел од европскиот одговор на нападите на францускиот сатиричен портал Шарли Ебдо

DW