Киев ги повика Украинците да ги напуштат областите под руска окупација

од Stefanija Kuzmanovska

Киев во вторникот ги повика Украинците да ги напуштат областите под руска окупација поради неодамнешната украинска офанзива.

„Ги советувам Украинците на привремено окупираните територии да одат во трети земји или да се подготват“, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук на Телеграм без дополнително објаснување.

„Знаете што да правите, грижете се за себе и за своите деца“, рече Верешчук.

„Окупаторските службеници сè уште имаат време да си заминат“, продолжи таа.

Некои од нив веќе ги подготвуваат своите работи, рече таа и додаде дека „би било добро да ги понесат со себе и своите соработници“.

Американското министерство за одбрана во вторникот објави нов пакет воена помош од 2,6 милијарди долари за Украина, кој главно вклучува муниција за артилериско оружје и други системи за оружје, како што се повеќецевните ракетни фрлачи Химарс.

Оружје и муниција во вредност од 500 милиони долари ќе пристигне од американските воени залихи, објави во вторникот Пентагон.

Дополнително, Украина ќе добие муниција и оружје во вредност од 2,1 милијарди долари, кои ќе бидат набавени од индустријата, се вели во соопштението.

Овој пакет ќе вклучува радарски системи за противвоздушна одбрана, комуникациска опрема, ракетни фрлачи и возила од различни типови.

САД се сметаат за најважен сојузник на Украина во одбраната од руската инвазија.

Слични содржини