Нови сателитски снимки покажуваат наводни масовни гробници во близина на пристанишниот град Мариупол, а локалните власти ја обвинија Русија дека таму закопала до 9.000 украински цивили во обид да го прикрие масакрот во пристанишниот град.
Фотографиите се појавија само неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин прогласи победа во битката кај Мариупол, иако се уште има околу 2.000 украински борци опколени во голема фабрика за челик „Азовстал“. Путин им наредил на своите војници да не напаѓаат, туку да го блокираат пристапот до нивните утврдувања, „за да не може да прелета ни мува“.
Провајдерот на сателитски снимки „Максар“ објави фотографии на кои се прикажани повеќе од 200 масовни гробници. Фотографиите покажуваат долги редови на гробови кои се протегаат од постојните гробишта во градот Манѓуш, на околу 20 километри од Мариупол.
Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, ги обвини Русите дека ги „прикриле своите воени злосторства“ со тоа што ги изнесувале телата на цивилите надвор од градот и ги закопале во Манѓуш. „Можеби до 9.000 луѓе има во гробовите“, соопшти градскиот совет на Мариупол во вчерашната објава на Телеграм.
Бојченко ги нарече акциите на Русија во градот „новиот Бабин Јар“ – алузија на местото на масовните нацистички масакри во кои беа убиени речиси 34.000 украински Евреи во 1941 година.
Кога пред три недели по повлекувањето на руските трупи во Буча и во другите градови околу Киев беа пронајдени масовни гробници и стотици мртви цивили, Русија негираше дека нивните војници убиле цивили таму и ја обвини Украина за организирање злосторства.
Сепак, организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ соопшти дека собрала докази за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во киевското предградие Буча.
Според извештајот на организацијата, нејзините вработени документирале масовни егзекуции, неселективно пукање во цивили, киднапирања, мачења и употреба на мини.
„Речиси секој агол на Буча е место на злосторство и се чувствува како смртта да е насекаде“, рече Ричард Веир. Доказите покажуваат дека повлечените руски сили кои го окупираа Буча „ги занемаруваат животите на цивилите и најосновните принципи на военото право“.
Украинскиот обвинител Руслан Кравченко даде информации дека од повлекувањето на руските сили од 31 март до 15 април во Буча се пронајдени 278 тела, главно цивили. Подоцна беа пронајдени повеќе тела. Во Буча беа пронајдени вкупно повеќе од 400 тела, некои со врзани раце зад грб. Украинските тајни служби зборуваат за „масовно убиство“.