Нема крај на лудилото на севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-ун. Сега тој најави дека во уставот ќе ја вметне формулацијата според која Јужна Кореја е „примарниот непријател“. Тој исто така рече дека „нашиот устав може да го прецизира прашањето за целосна окупација, анексија, потчинување и враќање на Република Кореја како дел од територијата на нашата земја, во случај да избие војна на Корејскиот полуостров“.
Ова го изјави во понеделник, 15 јануари, за време на говорот на 10. седница на 14. Врховно народно собрание. Поради ова, тој повика на реформи во образованието за „на младите Севернокорејци да им се всади цврстата идеја дека Република Кореја е нивниот примарен и непроменлив главен непријател“.
Тој, исто така, вети дека трајно ќе ги прекине сите меѓукорејски комуникациски канали, вклучително и физичко прекинување на железничките линии со Јужна Кореја. Во исто време, тој одлучи да распушти три агенции посветени на промовирање на меѓукорејската соработка. Тоа значи прекин на сите разговори на владино ниво, проекти за економска соработка и патувања.
Целосна промена во меѓукорејските односи
Хонг Мин, висок научен соработник во Корејскиот институт за национално обединување, вели дека ова е фундаментална промена во меѓукорејските односи во 70-годишната историја на поделба. „Со ова Ким испраќа порака до Сеул и Вашингтон дека Јужна Кореја повеќе не е релевантен соговорник за прашањата поврзани со односите на Корејскиот полуостров и дека тој е единствениот кој ќе преговара за иднината со американските претседатели.
Ча Ду-Хјеогн, виш истражувач во Институтот за политички студии Асан, коментира дека уставниот амандман ќе послужи само за да се потенцираат ненормалните вредности што ги застапува развратниот режим. „Северна Кореја минатата година ја интегрираше политиката на зајакнување на своите нуклеарни сили во својот устав. Сега се обидува да назначи одредена земја како примарен непријател, дополнително отстапувајќи од меѓународните стандарди за тоа што претставува нормални уставни вредности за една земја“.
Администрацијата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол одговори дека севернокорејските власти ги карактеризираат меѓукорејските односи не како врски меѓу нациите кои споделуваат хомогена позадина, туку како односи меѓу непријателски народи. „Ова признание ја одразува антинационалната и антиисториската природа на режимот на Ким. Ако Северна Кореја провоцира, ние ќе возвратиме со многу поголема сила“, предупредија тие.
Мала веројатност за нова војна на полуостровот
Портпаролот на Стејт департментот истакна дека САД се разочарани од постојаното отфрлање на дијалогот и ескалацијата на непријателската реторика кон Република Кореја. И покрај зголемените тензии меѓу двете Кореи, политичките аналитичари остануваат убедени дека нова војна на полуостровот е малку веројатна.
Ќе има воени провокации, но нема да има големи конфликти, според Сеул и Вашингтон. Ова се објаснува со малку претпазливиот втор дел од говорот на Ким, во кој тој објасни дека нема причина Северна Кореја да одлучува за војна.
„Нема намера за еднострано влегување во војна. Но, штом војната ќе стане реалност со која се соочуваме, никогаш нема да се обидеме да ја избегнеме“.