Кина бележи силен раст на извозот и голем трговски суфицит во првите два месеца од 2026 година

Извозот на Кина во САД падна за 11 проценти во јануари и февруари во споредба со истиот период во 2025 година. Увозот од САД потона за 26,7 проценти

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/CNA

Кинескиот извоз скокна на почетокот на годината, покажаа официјалните податоци денес, а членовите на АСЕАН го задржаа својот статус на главен трговски партнер на азискиот гигант. Извозот се зголеми за 21,8 проценти во јануари и февруари во споредба со истиот период минатата година, објави царинската администрација на Кина. Увозот, исто така, силно се зголеми, за 19,8 проценти.

На тој начин, Кина бележи суфицит во размената на стоки со светот од 213,6 милијарди долари во првите два месеци од оваа година.

Пекинг обично објавува трговски податоци за јануари и февруари „во пакет“ за да ги „измазни“ осцилациите предизвикани од седумдневните празници за Лунарната Нова Година. Оваа година, празничната недела „падна“ во февруари.

Извозот на Кина во САД падна за 11 проценти во јануари и февруари во споредба со истиот период во 2025 година. Увозот од САД потона за 26,7 проценти. Вредноста на трговијата со стоки меѓу САД и Кина се намали за 16,9 проценти во првите два месеци од оваа година, на 609,71 милијарди јуани, цитирајќи ги податоците од царинската управа, пишува Ксинхуа.

Кина, исто така, забележа највисока вредност на трговијата со членките на АСЕАН во првите два месеци годинава, од 1,24 трилиони јуани, што е за 20 проценти повеќе отколку во истиот период во 2025 година, соопшти Ксинхуа. Европската Унија е на второ место со трговска вредност од 998,94 милијарди јуани.

Трговската размена со Африка и Латинска Америка се зголеми за 19,7 проценти и 34,2 проценти, соодветно, покажуваат податоците. Вкупната вредност на трговијата на Кина со светот се зголеми за 18,3 проценти, на 7,73 трилиони јуани.