Кинеските власти побараа од нивните ирански колеги да помогнат во запирањето на нападите врз бродовите во Црвеното Море од страна на Хутите поддржани од Иран. Во спротивно, деловните односи меѓу двете земји ќе бидат нарушени, изјавиле за „Ројтерс“ четворица ирански извори и дипломати запознаени со овие настани.
Разговорите за нападите и трговијата меѓу Кина и Иран се одржаа на неколку неодамнешни состаноци во Пекинг и Техеран, навеле иранските извори, одбивајќи да дадат детали за тоа кога се случиле или кој присуствувал.
„Во основа, Кина рече: ‘Доколку нашите интереси се оштетени на кој било начин, тоа ќе влијае на нашата соработка со Техеран. Затоа, кажете им на Хутите да покажат воздржаност’“, рекол ирански функционер информиран за разговорите.
Иако Кина беше најголемиот трговски партнер на Иран во изминатата деценија, нивните трговски односи се турбулентни.
Кинеските рафинерии на нафта купија повеќе од 90 отсто од иранскиот извоз на сурова нафта минатата година. Сепак, таа претставува само 10 отсто од вкупниот увоз на сурова нафта во Кина, а Пекинг има голем број добавувачи кои би можеле да ги надополнат недостатоците од други извори.
Ирански извори рекоа дека Пекинг јасно ставил до знаење дека ќе биде многу разочаран од Техеран доколку биде погоден кој било брод поврзан со Кина, или ако на кој било начин се засегнати интересите на земјата.
„Ројтерс“ наведува дека, покрај Хутите во Јемен, Техеран има и посреднички групи лојални на режимот во Газа, Либан, Сирија и Ирак, а регионалните сојузи и приоритетите на Иран играат голема улога во одлучувањето, вели еден од иранските извори.