Централната банка на Кина денеска го зголеми курсот јуанот на највисоко ниво во однос на американскиот долар. Банката ја постави просечната централна паритетна стапка на кинеската валута на 7,0358 за долар, што е највисоко ниво од септември 2024 година, објави Ројтерс.
На кинескиот девизен пазар, спот цената на јуанот може да варира за 2 проценти дневно над или под утврдениот централен курс.
Трговците со валути објавија дека големите државни банки активно купуваат долари на домашниот спот пазар и брзо ги менуваат за јуани, соопшти агенцијата.
Утрово, јуанот се тргуваше над просечниот централен курс – околу 7,01 за долар. Доколку го пробие клучниот праг од 7 јуани за долар, ова би било највисоко за кинеската валута од мај 2023 година, објави весникот „Никеи“.
Таканаречениот офшор јуан, со кој се тргува надвор од континентална Кина, вчера го премина прагот од 7 долари за прв пат од септември 2024 година, но утрово повторно падна.
Јуанот ослабе претходно оваа година откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе „реципрочни“ царини за голем број кинески стоки во април, но подоцна ги повлече плановите за зголемување на царините против Кина на повеќе од 100 проценти. Тензиите дополнително се намалија откако Трамп се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја кон крајот на октомври, што доведе до едногодишно трговско примирје меѓу Вашингтон и Пекинг.