Од јули Кина им дава експериментални вакцини на групи лица кои се соочуваат со висок ризик од инфекција со коронавирус, изјави претставникот на Националната здравствена комисија Женг Жонгвеи за државните медиуми, пренесува Ројтерс.
Ниту една вакцина сè уште не го поминала последното, големо испитување што ќе докаже дека е безбедна и ефикасна да се заштитат луѓето од вирусот во кој загинаа скоро 800.000 луѓе ширум светот.
Целта е да се зајакне имунитетот на одредени групи на луѓе, вклучително и медицински работници и оние кои работат на пазарите на храна и во секторот транспорт и услуги, изјави Жонгвеи, претставник на Националната здравствена комисија, за државната телевизија во интервјуто што се емитуваше доцна во саботата.
Властите би можеле да размислат за скромно проширување на програмата за да се обидат да ги спречат можните нови избувнувања на вирусот за време на есента и зимата, додаде Женг, кој го предводи кинескиот тим за развој на вакцина против коронавирус.
Упатствата за итна употреба на потенцијални вакцини против коронавирус, одобрени на 24 јуни според Женг, не се објавени.
Некои земји се скептични во врска со употребата на експериментални вакцини во Кина. Папуа Нова Гвинеја одби влез на кинеските граѓани кои учествувале во тестирањето на вакцината против коронавирус.