Кина ја престигна Германија, стана најголемиот купувач на енергија од Русија

од Stefanija Kuzmanovska
274 прегледи

Кина ја престигна Германија и стана најголемиот купувач на енергија од Русија од почетокот на руската инвазија на Украина, објави денеска независната групација Центар за истражување на енергија и чист воздух.

Центарот наведе дека Русија има приход од околу 93 милијарди евра од продажба на нафта, природен гас и јаглен од 24 февруари кога ја нападна Украина, пренесува Бета-АП.

Околу 61 отсто од фосилните горива, во вредност од околу 57 милијарди евра, биле извезени во Европската унија во првите 100 дена од војната во Украина, соопшти групата со седиште во Хелсинки.

Извозот на руски фосилни горива во Германија е вреден 12,1 милијарди евра, во Италија и Холандија по 7,8 милијарди евра и во Полска 4,4 милијарди евра, додава Центарот.

Германија, која беше најголемиот увозник на руски фосилни горива во првите два месеци од војната, падна на второто место зад Кина, која купи енергија во вредност од околу 12,6 милијарди евра од Москва.

Промената на врвот на листата ја одразува зголемената важност на Кина и другите неевропски економии за рускиот извоз на енергија, кои обезбедуваат околу 40 отсто од буџетот на Русија, соопшти групата.

Податоците на Центарот покажуваат дека Германија останува во голема мера зависна од руската енергија, особено од природниот гас. Увозот падна за осум отсто во мај во однос на претходните два месеци, што се совпадна со доаѓањето на потопло време.

Во мај Европската унија го намали увозот на енергија од Русија за повеќе од 100 милиони евра дневно. Најголемо намалување направи Полска, која порано беше голем купувач на руска нафта и гас.

Слични содржини