Кина „ќе се бори до крај“ за да го спречи Тајван да прогласи независност, изјави кинескиот министер за одбрана Веи Фенге во време на зголемени тензии меѓу Пекинг и Вашингтон околу иднината на автономниот остров.
„Ќе се бориме по секоја цена до крај. Тоа е единствениот можен избор за Кина“, изјави денеска Веи Фенге на безбедносен форум во Сингапур.
„Оние кои продолжуваат да се залагаат за независност на Тајван со цел да се подели Кина, сигурно нема да ја постигнат целта. Никој никогаш не треба да ја потценува решителноста и капацитетот на кинеските вооружени сили да го зачуваат својот територијален интегритет“, рече тој, пренесе Бета.
Кинескиот министер го соопшти ова ден по изјавата на американскиот министер за одбрана, Лојд Остин дека „воените активности на Пекинг во близина на Тајван се „провокативни и дестабилизирачки“.
Кина верува дека автономниот остров, кој има 24 милиони жители, е една од нејзините историски провинции, иако не го контролира, и го зголеми притисокот врз Тајпеј во последните години со спроведување, меѓу другото, упади во воздушниот простор на Тајван.
Ваквите акции на Кина ги интензивираа тензиите со Соединетите Држави, кои се многу високи и за голем број други прашања.