Кина му се заблагодари, Тајван го прекори: Бура по предлог на Маск за тајванското прашање

од Stefanija Kuzmanovska
246 прегледи

Амбасадорот на Кина во САД, Чин Ганг, му се заблагодари на американскиот милијардер Елон Маск, кој предложи формирање специјална административна зона за Тајван, додека тајванската претставничка во Вашингтон, Хсијао Би-Ким го прекори Маск, велејќи дека „слободата и демократијата не се на продажба“.

„Тајван продава многу производи, но нашата слобода и демократија не се на продажба. Секој понатамошен предлог мора да биде усвоен на мирен начин, да биде ослободен од принуда и ќе мора да ја почитува демократската волја на тајванскиот народ“, навела Хсијао, која „Ројтерс“ ја нарекува „де факто амбасадор“ на Тајван во Вашингтон.

Чин потсети на повикот на Кина за „мирно обединување“ и на принципот „една земја, два система“, попатно заблагодарувајќи му се на Маск.

Маск сугерираше дека тензиите меѓу Кина и Тајван може да се решат со тоа што на Пекинг ќе му се даде одредена контрола над Тајван.

„Моја препорака би била да се дизајнира разумна, специјална административна зона за Тајван, која веројатно нема да ги израдува сите“, изјави Маск за „Фајненшл тајмс“ во интервју објавено минатиот петок.

Кина му понуди на Тајван модел на автономија „една земја, два система“ сличен на оној на Хонг Конг, но тој беше отфрлен од сите водечки политички партии во Тајван.

Предлогот има мала јавна поддршка во Тајван, особено откако Пекинг воведе строг закон за државна безбедност во Хонг Конг во 2020 година.

Слични содржини