Кина подготвена да соработува со Русија во одбрана на целите и принципите на Повелбата на ОН

од Stefanija Kuzmanovska
254 прегледи

Кина е подготвена да соработува со Русија во одбрана на целите и принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право, изјави денеска кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

„Кина е подготвена да соработува со Русија во одбраната на целите и принципите на Повелбата на ОН, како и меѓународната непристрасност и правда“, рече Ванг, пренесе „Ројтерс“.

Двајцата разговараа за низа глобални прашања, вклучително и конфликти на Блискиот Исток, соопшти руското министерство за надворешни работи.

„Страните остварија темелна размена на мислења за широк спектар меѓународни и регионални прашања, вклучително и зголемени тензии на Блискиот Исток“, се наведува во соопштението за медиумите.

 

Една од темите на нивниот разговор беше билатералната соработка меѓу Кина и Русија.

„Министрите за надворешни работи на двете земји изразија задоволство од позитивната динамика на руско-кинеската сеопфатна соработка, детално разговараа за прашањата од билатералната агенда, вклучително и контакти на највисоко ниво со фокус на подготовката на учеството на Рускиот претседател на третиот форум ‘Појас и пат’ и соработката на Москва и Пекинг во рамките на Евроазиската економска унија и кинеската иницијатива ‘Појас и пат’“, се вели во соопштението на руското министерство за надворешни работи.

Ванг и Лавров разговараа и за „прашања поврзани со безбедноста во азиско-пацифичкиот регион во однос на потребата да се одржи стабилноста на Корејскиот полуостров и да се спречи нарушување на безбедносниот систем, чиј центар е Здружението на нациите од Југоисточна Азија“.

Слични содржини