Во февруари на пазарите ширум светот се продадени вкупно 1,2 милиони електрични автомобили. Тоа е за 49 отсто повеќе од истиот месец минатата година, покажуваат пресметките на Rho Motion. Тие забележуваат дека на резултатот влијаеле податоците од Кина.
Во споредба со јануари, глобалната продажба е намалена за три проценти, откри Rho Motion.
Поради лунарните новогодишни празници, кои паднаа во јануари оваа година, продажбата во Кина во февруари скокна за 76 отсто. Тоа е околу двојно посилно од претходните два месеци.
Во Европа продажбата е зголемена за 19 отсто во споредба со февруари минатата година, пресмета Rho Motion, истакнувајќи дека двоцифрена стапка на раст е забележана и во јануари, кога стапија на сила целите за нулта емисија во ЕУ. Во такви услови, продажбата во Германија скокна за 40 отсто во првите два месеци од оваа година.
Северноамериканскиот пазар во февруари порасна за 17 отсто. Rho Motion најверојатно ќе ги намали своите годишни прогнози за САД поради ставот на американскиот претседател Доналд Трамп за електрификацијата, истакна Чарлс Лестер, менаџер на Rho Motion Data.
Мексиканскиот пазар на електрични возила се зголеми повеќе од двојно поради увозот од Кина, кој забележа подем во 2024 година, според Rho Motion.
Дополнителните царини на ЕУ за кинеските електрични автомобили се одразија на резултатите на некои производители. Така, продажбата на MG, во сопственост на SAIC, опадна, истакна Лестер. ЕУ во октомври воведе царина од 37 отсто за SAIC.
Во такви услови SAIC на пазарите во Европа и во Европската економска зона просечно продала за 19 отсто помалку автомобили произведени во Кина од ноември минатата година до јануари годинава, отколку во периодот од јануари до октомври, истакна менаџерот на Rho Motion.
Тарифите влијаеја и на продажбата во Honda, која произведува некои електрични возила со батерии (BEV) под брендот Dongfeng Honda во Кина. Тие влијаеле и на производството на Mercedes, Geely, Tesla, Dacia Spring на Renault и помалите кинески марки Nio и Xpeng, додаде тој.
Кинескиот гигант BYD, сепак, според него, ја освојува Европа. Го зголемува својот удел на пазарите ширум светот, и покрај царините, посочи тој.