Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг денеска изјави дека Пекинг ќе биде упорен во промовирањето мировни преговори за решавање на украинската криза и дека е „подготвен да ја одржи комуникацијата и координацијата со Русија“ со цел да придонесе за политичко решение на ситуацијата, соопшти кинеското МНР.
Изјавата на Чин се однесува на неговата средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на министерскиот состанок на Шангајската организација за соработка во четвртокот во индискиот град Гоа, објави „Ројтерс“.
По средбата на двајцата министри се огласи и руското МНР.
„Тие разговараа за голем број актуелни прашања, вклучително и напорите за мирно решавање на украинската криза“, се вели во соопштението на руското министерство.