Кина се заканува со „контрамерки“ поради мерките против Ковид-19 за патниците воведени од други земји.
Пекинг го критикуваше неодамна воведеното задолжително тестирање за патниците кои пристигнуваат од Кина и се закани со контрамерки против земјите што го прават тоа.
Кина моментално доживува голем бран на случаи на коронавирус низ целата земја, откако властите ненадејно одлучија да ги олеснат драконските мерки што беа во сила во поголемиот дел од пандемијата.
Земјите како САД, Велика Британија, Индија, Јапонија и неколку европски земји најавија построги правила за патниците кои доаѓаат од Кина. Тоа дојде по загриженоста за недостаток на транспарентни податоци за нови случаи во Кина и стравувањата дека експлозијата на случаи во Кина може да доведе до појава на нови, поопасни, варијанти на вирусот.
„Ние веруваме дека новите ограничувања на граничните премини што некои земји ги воведоа и насочени кон Кина се направени без никаква научна основа, а некои прекумерни мерки се неприфатливи“, изјави за новинарите портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
„Ние сме цврсто против обидите за злоупотреба на мерките против Ковид во политички цели и ќе преземеме контрамерки, според принципот на реципроцитет“, додаде таа.
Ова се најострите коментари досега од Кина за ова прашање, откако Австралија и Канада се приклучија на растечката листа на земји кои бараат од сите патници од Кина да тестираат негативно за Ковид пред да се качат на летови.
САД се една од ретките земји што излезе во одбрана на ваквото тестирање. „Тоа е пристап кој се заснова исклучиво на научни наоди“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, на новинарите кога беше запрашан да ги коментира изјавите на неговиот кинески колега.
Овие мерки произлегоа од „големата грижа за јавното здравје“ поради „зголемувањето на случаите на инфекција со коронавирус во Кина, како и отсуството на соодветни и транспарентни епидемиолошки податоци за генетско тестирање од таа земја“, рече Прајс.
Тој повтори дека САД се подготвени да ги обезбедат своите вакцини против Ковид на Кина, која во меѓувреме ги промовира своите вакцини низ светот, за кои експертите велат дека се помалку ефикасни.
Ограничувањата за патниците ги бранеше и француската премиерка Елизабет Борн. Франција воведува правило оваа среда според кое секој што лета од Кина до Франција треба да покаже негативен резултат од тестот, направен во претходните 48 часа. Сите патници од Кина, исто така, мора да се согласат да бидат предмет на случајно тестирање во Франција по пристигнувањето. „Ние ја извршуваме нашата улога, мојата влада ја врши својата улога, а тоа е да ги заштити Французите“, рече таа во изјава за радиото Франс-Инфо, пренесува Гардијан.
Австралија соопшти дека нема да биде под влијание на заканите и најавите на Кина за одмазда. Австралискиот министер за финансии, Џим Чалмерс, изјави за јавната телевизија ABC дека „сите земји ќе донесат свои одлуки за правилата за патување, и пошироко, мерките за борба против Ковид-19“.
Тој додаде дека барањето луѓето да бидат тестирани пред летот не е „претерано напорно“ и дека е „во согласност со чекорите што ги преземаат другите земји“.
Новинарите го прашаа Чалмерс дали таквите мерки се меѓународно координирани, со цел да се зголеми притисокот врз Кина. „Јас навистина не го гледам тоа така, но секако е факт дека постои голема загриженост во глобалните здравствени кругови, во однос на транспарентноста и квалитетот на податоците што ни доаѓаат од Кина“.
Претставници на Светската здравствена организација СЗО во вторникот имаа средба со кинески научници, поради зголемената загриженост за точноста на кинеските податоци за ширење на Ковид и еволуцијата на сегашниот бран на инфекција.
СЗО ги повика научниците да дадат детални податоци за тестираните примероци на вируси и да објават податоци за хоспитализирани случаи, смртни случаи и стапки на вакцинација.
Портпаролот на СЗО рече дека организацијата очекува да следи „детална дискусија“ за варијантите на вирусот што сега се шири низ Кина и остатокот од светот.
Нов Зеланд реши да оди против тој тренд и во средата објави дека нема да наметнува обврска за патниците од Кина да презентираат негативен резултат од тестот за Ковид.
Кина, која низ поголемиот дел од пандемијата имаше т.н стратегијата со нулта стапка на Ковид-19, која вклучуваше строги ограничувања насочени кон искоренување на вирусот, нагло ги напушти тие мерки минатиот декември.
Кинеските власти, исто така, објавија дека од 8 јануари, патниците кои пристигнуваат во Кина повеќе нема да мора да бидат подложени на задолжителен карантин, што ќе им овозможи на кинеските граѓани да патуваат во странство.