205
Кинеската полиција уапси четириесет и седумгодишен маж осомничен за нападот во градинка во провинцијата Џиангси на југот на Кина, во кој загинаа три лица, а шест беа повредени, соопшти полицијата.
Полицијата на округот Анфу соопшти дека Лиу Ксијаохуи бил уапсен синоќа во 10:50 часот, околу 12 часа по нападот. Тој претходно избегал и се криел од полицијата.
Полицијата не го соопшти идентитетот и возраста на жртвите, пишува АП.
„Глобал тајмс“ објави дека најмалку една жртва се верува дека е дете и дека напаѓачот бил вооружен со нож.
Насилството со оружје е ретко во Кина, делумно поради строгите контроли и безбедносните мерки, но неодамна имаше неколку напади со нож и секира, вклучително и во училишта.