Кина започна воени вежби околу Тајван

од Stefanija Kuzmanovska
214 прегледи

Кина започна воени вежби околу Тајван, објави кинеската јавна телевизија CCTV, најголемите маневри што некогаш биле организирани околу островот за кој Пекинг тврди дека е негова територија.

„Вежбите почнуваат“, се вели во пораката на CCTV објавена на социјалната мрежа Weibo.

Вежбите се одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван, која Кина ја смета за сериозна провокација.

Иако Пелоси беше на островот помалку од 24 часа претходно оваа недела, таа го навлече гневот на Пекинг како највисокиот американски функционер кој го посети Тајпеј.

За време на посетата, таа истакна дека САД нема да го напуштат островот, кој е управуван од демократски режим и живее под постојана закана од инвазија на кинеската армија.

Пекинг, кој го смета Тајван за своја територија, се спротивставува на каков било дипломатски контакт на тајванските претставници со други земји.

Кинеските воени вежби кои започнаа денеска опфаќаат шест зони околу Тајван, на комерцијални рути со висока фреквенција. Ќе траат до недела напладне, соопшти јавната телевизија.

Тајванската војска соопшти дека „се подготвува за војна без да бара војна“.

Според „Глобал тајмс“, повикувајќи се на воени аналитичари, обемот на вежбата е „без преседан“, бидејќи проектили за прв пат ќе летаат над Тајван.

„За прв пат кинеската војска ќе спроведе артилериски оган со боева муниција со долг дострел над Тајванскиот теснец“, пишува весникот.

Вежбите ќе се одржуваат во низа зони околу Тајван, понекогаш на само 20 километри од брегот на Тајван.

Кинеските воени вежби ќе бидат најголемите вежби насочени кон Тајван од 1995 година.

Тогаш Кина истрела проектили за време на голема воена вежба за да го изрази своето незадоволство од посетата на тогашниот тајвански претседател Ли Тенг Хуи на САД.

За Кина, овие вежби претставуваат неопходна и легитимна мерка по посетата на Ненси Пелоси.

„САД се провокаторот, а Кина е жртвата. Кина е во ситуација на легитимна одбрана“, изјави за новинарите портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи.

Слични содржини