„Киненова“: Мира Фурлан и Љупчо Тодоровски-Упа беа луѓе со кои мечтаевме заедно за уметноста

366 прегледи

Кине нова е она што ги поврза и двајцата уметници кои ненајдено и неочекувано починаа – Мира Фурлан и Љупчо Тодоровски-Упа беа дел токму од првото издание на Кине нова во 2016 година.

Во чест на овие големи луѓе, големи за светот, а посебно значајни за започнувањето, заживувањето и постоењето на филмскиот фестивал Киненова, како фестивалски тим сакаме на овој начин да им се оддолжиме за она што го направија за нас и за фестивалот, но и за светот на уметноста, на начин славејќи го нивното дело и живот.

Мира Фурлан беше добитник на првата награда за особен придонес во филмската уметност, на првото издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова и Љупчо Тодоровски Упа – првиот уметнички директор на истоимениот фестивал истата година. Таа, 2016-та тимот на фестивалот Киненова го сочинуваа: Марина Костова – програмски директор; Миланка Рашиќ – член на УО; Иванка Апостоловска, член на УО; Диме Ратајкоски, член на УО; Сунчица Веселиновска, член на УО; Катерина Момева, член на УО; Петар Волнаровски, член на УО; Ева Камчевска, член на УО; Гоце Кралевски, член на УО, Огнен Антов, член на УО; Дамјан Корубин, член на УО; Благоја Неделковски, член на УО; Дејан Трајкоски, член на УО.

Директорт на фестивалот Небојша Јовановиќ се присети дека Мира веднаш ја почувствувала искреноста и енергијата и прифатила да биде гостин на тукушто основаниот фестивал.

-Мира Фурлан е дел од зачнувањето на овој наш голем сон наречен Киненова, и затоа нејзината енергија и поддршка која ни ја даде е нешто што е неодвоиво од фестивалот и од мене. Еден пријател деновиве споделувајќи ја заедничката загуба и болка ми рече: ‘Колку е само нестварна таа 2016-та, тоа прво издание на фестивалот’. За таа „нестварност“ допринесе секако Мира, која беше заедно со нас, кога имавме „само“ сон, а ништо материјално со себе, никаква поткрепа во џебот. Летавме на крилјата на нашата љубов, енузијазмот и на нашиот сон.  Таа знаеше за тоа, но, со голем жар одлучи да дојде и да ја посвети таа недела само за Македонија, за Киненова, за нејзината македонската публика, за славењето на нејзиниот придонес во филмската уметност. Веруваше во нашата љубов кон уметноста и нејзиното дело. И она што сакам да го кажам во оваа прилика е дека сите кои биле во било каква директна комуникација со Мира Фурлан знаат дека ја допреле вечноста и биле блиску или во допир со еден непресушен извор на животна енергија. А емотивноста и широчината на нејзиниот дух и личност можев најнепосредно да ја видам и почувствувам кога во текот на проекцијата на документарниот филм „Дубине 2“ во студеното кино Култура, една ладна октомвриска вечер, Мира, преладена од студот, а преплавена од емоции, плачеше во текот на филмот и во текот на целата вечер која ја поминавме заедно. Вечерта помина во тишина, бевме долго во ноќта, со милиони неизречени зборови и со бескрајна согласност во погледите. Плачеше за тешката драма на луѓе кои не ги познаваше, но беше сензитивна на темата војна и загуба. Беше свесна за сите можни драми кои може да ги предизвика една војна и една националистичка омраза. Потоа, додека сеуште очите и беа полни солзи, а умот полн со разбуричкани чувства, сподели со мене многу сеќавања од нејзините мемоари за нејзините страдања и болка дожиевани во текот на деведесеттите во регионот на Југославија како последица на удар и омраза од нејзиниот народ. Тогаш разбрав дека не само што тоа не беше обичен човек, туку Мира беше возвишена енергија која светот го чувствува толку интензивно во секој проживеан здив, што ретко кој може да ја разбере во времето во кое што живее. Сепак беше силна, исправена, за животот самоуверена, секогаш подготвена за одговор, да продолжи понатаму, се сеќава директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.

Организаторите на Киненова во 2016-та ја имаа привилегијата Мира Фурлан да ја ги поддржи уште на самиот почеток, кога и не постоеше Фестивалот, кога само го споделиле со неа својот сон.

-Средбите со Мира Фурлан беа незаборавно искуство во текот на таа недела. Ја чекавме со голема возбуда, а кога стапна на сцената, од рефлекторите не можев ништо да видам, само аплаузот одекнуваше непрестајно и насмевката на Мира Фурлан ја облеа сцената во светлина. Така започна нашето незаборавно дружење.

Мира Фурлан беше внимателен слушател. Секому посакуваше навистина да ја пронајде онаа нитка во себе, низ која вистински ќе созрее во уметноста. И значеше многу што и ја дадов мојата книга со драми, посебно го почитуваше тој процес на создавање на драма и себедополнување низ сите аспекти на страв и тага кои се изразуваат низ ликовите и дијалозите. И таа лично имаше пишувано драми, и низ нејзините ФИЛЏАН очи прокоментира – „авторот кој ги носи сите тие ликови….тоа е лудило….всушност тоа не се ликови тоа е самиот тој поделен на толку многу. Те поддржувам во тоа што го правиш драга….Всушност толку се се менува… Се што ќе напишеме следно останува таму некаде….во исто време никогаш повеќе нема да го живееме тоа или нема да престанеме одново да го живееме и тогаш кога не сакаме. Пишувањето е процес различен од се друго“. Беше искрено радосна и уживаше што „ненадејно“ – како што се изрази – се најде меѓу толку убави луѓе, кои и го доделија ова признание за животно дело и беше благодарна. Бидејќи беше едноставна и во сите пријателства се впушти како да има дваесет години и да почнува со животот сега, со искреност на дете, слетувајќи од Америка во Скопје, преку Дубровник, и враќајќи се назад кога минутите ќе поминат и „кога часовникот ќе покаже полноќ“.

Ги гледаше сите проекции. Долго разговараше со колегите околу естетиката на филмовите, некои лични импресии во однос на актерската игра, во однос на се она внатре што таа успеваше да го доживее и перцепира на филмското платно. Беше лојална на својата професија и доследна во својот избор. Многу и беше важна темата со која се занимава еден уметник и начинот на кој ја разработува.

„Животот е непредвидилив, треба само да го најдеш она внатре во себе….кое ќе ти даде сила за да се насмееш на крајот на се што се случило“, рече на нејзиното предавање во Кинотека на Македонија.

На крајот од денот и јас ќе се насмевнам, бидејќи во мојот живот имав среќа да се дружам со исклучителен човек како неа, кратко, но со импресии што ќе останат засекогаш. Во нашата земја на Мира Фурлан гледавме како исклучителна актерка на Југословенската и светската драмска сцена, која брилјираше на повеќе медиуми, емпатично вчувствувајќи се со неправдите кои ги доживеала, одбивајќи било која политика која го инхибира и деградира уметникот, вели Катерина Момева.

 Вториот голем и особено важен за нас човек, кој не напушти деновиве е Љупчо Тодоровски – Упа, кој беше Уметнички директор и еден од основачите на фестивалот Киненова. Нашиот Упа.:

-За мене, а и за фестивалот Упа беше секаква поддршка во секое време. Се восхитуваше на мојата идеја и заедно почнавме да го сонуваме сонот и да ја играме играта на уметноста. Не беше едноставно, бараше жртви, но никогаш не се откажа. Беше гооолем сонувач, толку голем што често на многу помлади од него им го поддржуваше и хранеше сонот. И мене. Тој беше човек што отвораше врати. Нееверојатен извор на енергија. Умееше да премине преку сите можни лични конфликти. Беше толку голем, што љубовта кон луѓето никогаш, ништо и никој не можеше да му ја затруе. И покрај неговата величина и уметнички и професионален багаж не дозволи тоа да му биде препрека. Како ретко кој Упа знаеше да испочитува туѓа идеја колку и да се разликува од неговиот став и после период на бранење на своите идеи да ги прифати оние за кои мнозински се одличило. Беше неверојатен мечтател. Работејќи на основањето и подговтовките за фестивалот, колку и да беше натрупан со секојдневни обврски, ќе најдеше време и начин што побрзо да се ослободи за нова дискусија за сите аспекти од заживувањето на Киненова.
Мечтаевме заедно за уметноста, за фестивалот, за поврзување со што повеќе уметници од што повеќе земји, но често и за идеалниот свет. Имавме долги средби и телефонски разговори, но Упа, колку што мечтаеше, умееше и се грижеше случајно некој да не се лизне при тој уметнички сон. Веројатно имаше искусено нешто слично и не сакаше на други истото да им се случи. Затоа што тој беше грижлив, искрено грижлив кон колегите, кон другите луѓе воопшто. Јас имав чувство дека никогаш не можам да паднам покрај него.
 И најважното, со Упа добивме крилја со кои сигурно летавме минативе 5 години колку што постои Киненова. Беше вистински мајстор за големи идеи, но беше и мајстор на зборот и емоциите. И кога го прочитав неговото сценарио за филмот кој не го досонува и не му се оствари за голема жал, а тоа е „Мајсторот“, целосно разбрав за колку емотивна и чиста душа станува збор. Душа која искрено и длабоко си ја сака својата земја, но во исто време и сите луѓе воопшто. Сепак, не знам дали беше почитуван од својата земја колку што заслужуваше, вели Јовановиќ.

Иванка Апостоловска за првпат го запознала Упа 2016  на првите состаноци на екипата на Филмскиот фестивал КинеНова.

За македонски услови на мнозинство на инхибирани и не автентични луѓе од светот на културата и уметноста – Упа ми остави силен впечаток на исклучително позитивен човек, раскошно шармантен лик со отворен однос кон животот, одличен актер, извонреден сензибилитет кој умее да процени капацитети и дух на вредност кај луѓето со кои се запознава и комуницира/соработува, да покаже љубопитност и да сподели соодветни а не усилени контекстуални коментари и мислење.  По првата средба следеа неколку случајни среќавања на културни настани – а тој беше секогаш насмеан и позитивно расположен. Му посакувам мир во египетската Книга на мртвите, се присети Апостоловска.

Според Катерина Момева, Упа „љубеше да биде дел од безвремени приказни, во кои ќе бидат решени сите неправди на светот“.

 -Убавината на платното ја доживуваше само ако таа има длабока смисла.

Премногу знаеше и да се расправа кога ќе беше убеден во нешто.

Човечен беше, ги простуваше туѓите маани, своите потешко.

Одненадеж сакаше да го промени светот. Тешко му беше дека ѕид со глава не се турка.

Од судбина не се бега.

Дното има две лица;

Облаците ги допираат оние што гледаат во небото;

Радоста останува за оние кои сеуште веруваат во човекот;

Оние што гледаат право и зборуваат вистина.

Во мигови кога вистини има многу, да пронајдат светлина една; Светлина една што ќе го подгрева духот.

Каде што не знаел дека има постоење, да стигне духот таму.

Изневерен, а верен на себе си да истрае.

Улоги колку сакаш има одиграно тој;

Пред публика и зад сцена и на филмското платно.

Аманет ни остави да се сеќаваме секогаш, ќе напише Момева.

Овие двајца големи луѓе и уметници заслужуваат вечна слава, а ние со голема болка и тага во нашите срца поради тоа што физички нема да се веќе присутни во нашето време, ќе ги славиме а тие ќе ја имаат вечно и нашата почит и восхит.

Ни беше чест што бевте дел од Фестивалот „Киненова“, чест ни беше што бевте дел од нашите животи.

Слични содржини