Кинескиот индекс на цените на производителите (PPI) падна за 0,8 отсто во однос на претходната година, продолжувајќи го падот од 0,7 отсто од претходниот месец, иако производната активност се врати на раст во јануари.
Од друга страна, индексот на потрошувачките цени (ИПК) во јануари е за 2,1 отсто повисок од претходната година, што е зголемување од 1,8 отсто на годишното ниво забележано во декември, покажаа податоците на Националното биро за статистика.
Економистите очекуваат трошоците за живот во Кина да се зголемат во текот на следните месеци, при што инфлацијата ќе се приближи до целта од околу три проценти што ја постави владата минатата година.
Аналитичарите не очекуваат растот на инфлацијата да предизвика зголемување на каматните стапки. Цените на храната се повисоки за 6,2 отсто во јануари во однос на претходната година, по годишниот раст од 4,8 отсто во декември.
Базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, се искачи на 1,2 отсто минатиот месец од годишниот пораст од 0,7 отсто во декември.
Економската активност на Кина се врати на раст во јануари, а официјалниот PMI индекс, кој ја мери производната активност, го премина прагот од 50 поени за прв пат од септември.
Високи владини претставници постојано ја сигнализираа својата намера да ја искористат моќта на трошење на 1,4 милијарди луѓе во земјата, откако економскиот раст во 2022 година падна на едно од најслабите нивоа во речиси половина век.
Кина планира да ја стимулира домашната побарувачка со владините политички мерки оваа година, но најверојатно ќе престане да троши големи суми директни субвенции за потрошувачите, изјавија три неименувани извори за Ројтерс.
Втората по големина економија во светот продолжува да се соочува со значителни спротивставени ветрови, вклучително и проблематичен сектор на недвижности, слабеење на надворешната побарувачка и речиси рекордни нивоа на невработеност кај младите.