Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во четвртокот ја нарече посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, „манична, неодговорна и крајно ирационална“, објави државната телевизија CCTV.
Ванг на состанокот на министрите за надворешни работи на АСЕАН во Пном Пен, Камбоџа рече дека Кина направила најголеми дипломатски напори за да ја спречи кризата, но никогаш нема да дозволи да бидат повредени нејзините суштински интереси.
Сегашните и идните мерки на Кина се неопходни и навремени одбранбени контрамерки, внимателно разгледани и оценети, насочени кон зачувување на националниот суверенитет и безбедност, во согласност со меѓународното и домашното право, рече Ванг, цитиран од CCTV.
Бродови на кинеската морнарица и воени авиони накратко ја преминаа централната линија на Тајванскиот теснец во четвртокот наутро, изјави тајвански извор запознаен со ова прашање за „Ројтерс“ во четвртокот.
Околу 10 бродови на кинеската морнарица ја преминаа централната линија и останаа во областа од средата навечер до четвртокот напладне, а повеќе кинески воени авиони накратко ја преминаа централната линија во четвртокот наутро, рече официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на предметот.
Тајван распореди ракетни системи за следење на активностите на кинеското воздухопловство во близина на централната линија, а бродовите на тајванската морнарица останаа блиску до централната линија за да ја следат кинеската поморска активност, рече официјалниот претставник.