Кинески државјанин кој се борел на страната на Русија во војната во Украина тврди дека бил затворен во темна јама 21 ден, откако се расправал со својот претпоставен околу заштитна опрема која, како што вели, можела да му го спаси животот. 29-годишниот Кинез, кого американската телевизиска мрежа CNN го нарекува Мајкл (псевдоним што го користи заради безбедност), изјави дека неговите романтични претстави за воената служба во странство биле уништени од суровата реалност на фронтот. Тој гласно ги предупредува другите Кинези: „Морам да кажам некои вистини и да ги предупредам ирационалните Кинези – не доаѓајте тука“.
„Втората најголема армија во светот е шега“
Во телефонско интервју за CNN, Мајкл раскажа дека се опоравува од повреди здобиени во борба, и ја нарече руската војска „целосна шега“. Тој ја обвини руската армија за лошата опрема, несоодветната логистика, злоупотребата и системската корупција – критики кои се во согласност со претходните извештаи за состојбите во руските вооружени сили. Според него, војниците често се малтретирани, недоволно опремени и се оставаат на цедило без медицинска помош. Тој сведочи дека бил затворен во импровизирана казнена јама по конфликт со офицер околу недостиг на елементарна заштита.
Рекрутирани преку социјални мрежи, мотивирани од пари
И Русија и Украина ангажираат странски борци за да ги засилат своите редови. Но, присуството на кинеските платеници во руската армија доби ново внимание по изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во април објави дека Украина заробила двајца кинески борци и дека располага со податоци за уште 155 активни на руската страна, бројка што според него веројатно е поголема.
Кинески мажи, особено од сиромашните слоеви на општеството, станаа цел на онлајн кампањи за регрутација на руски платенички групи. Според CNN, огласите ветуваат добра плата и „зајакнување на машкоста“. Мајкл, поранешен војник во Народноослободителната армија на Кина, бил демобилизиран во 2018 година. Во ноември 2023 пристигнал во Москва со туристичка виза, каде по краток период се приклучил на платеничката група „Вагнер“, а потоа потпишал едногодишен договор со руското Министерство за одбрана.
Според договорот, добивал плата од 2.400 американски долари месечно, со дополнителни 598 долари бонус за секој километар напредување на фронтот. „Многу од нас доаѓаме од дното на општеството“, признава тој.
Желба за херојство или бегство од реалноста?
Друг кинески борец, 37-годишник кој исто така се борел за Русија, изјави дека како платеник заработувал тројно повеќе отколку во претходната работа како затворски чувар. За CNN објасни дека не бил мотивиран од пари, туку од внатрешен немир и „детски херојски комплекс“.
Овој маж, исто како Мајкл, тврди дека неговата одлука не била политички мотивирана, туку произлегувала од лична потреба за смисла и авантура. Сепак, сега се соочува со последици – му било забрането да ја напушти Кина, најверојатно поради неговата улога во конфликтот.
Цензура и тишина
Мајкл редовно ги објавувал своите искуства на кинеските социјални мрежи, но вели дека од неодамна му е забрането да објавува. Верува дека причината е неговата искреност околу лошите услови во руската војска. Иако има и кинески борци на украинската страна, тие за разлика од платениците во руската армија, се мотивирани претежно идеолошки и се најчесто луѓе кои живееле или студирале надвор од Кина.