Германскиот производител на луксузни автомобили BMW објави скок во профитот и приходите во 2022 година, благодарение на стекнувањето на мнозински удел во кинески проект и зголемените цени.
Нето добивката на групацијата BMW минатата година скокна за 49 отсто, на 18,6 милијарди евра, пренесe „Хина“. Приходите се зголемени за 28 отсто, на 142,6 милијарди евра. Добивката пред камати и даноци (EBIT) е зголемена за 4,5 отсто, на 14 милијарди евра.
Компанијата минатата година се здоби со мнозински удел во кинескиот проект BMW Brilliance Automotive (BBA), а промената на неговата вредност и обезбеди еднократен приход од 7,7 милијарди евра, што е еквивалентно на околу една третина од нејзината добивка пред оданочување.
BBA е основана во 2003 година во соработка со кинескиот партнер Brilliance Auto, со првични сопственички акции од 50 проценти и 40,5 проценти, соодветно. Остатокот бил во сопственост на локалните кинески власти.
Во февруари 2022 година, BMW го зголеми сопственичкиот удел на 75 отсто, а преостанатите 25 отсто ги држи Brilliance Auto.
„Интеграцијата на нашиот проект во Кина во автомобилската поделба го подига нашиот бизнис на ново ниво и ни обезбеди значителна поддршка во 2022 година“, рече Николас Питер, член на извршниот комитет за финансии.
Групацијата продаде 2,4 милиони автомобили минатата година, 4,8 отсто помалку отколку во 2021 година, главно поради недостигот на полупроводници и кабли што ги набавуваше во Украина.
Намалената продажба беше неутрализирана со повисоки цени и послабото евро.