Италијанско-кинескиот производител на спортски суперавтомобили Silk-FAW се откажа од плановите за изградба на фабрика во Италија за производство на врвни модели на кинескиот бренд Hongqi. Информациите се од агенцијата Ројтерс, кои тврдат дека заедничкото вложување добило дозвола да гради во регионот Емилија-Ромања, но од Silk-FAW изјавиле дека се откажале.
Причината за промената на плановите не е официјално објавена, но според весникот Il Sole 24 Ore, проектот не го добил очекуваното финансирање. Во исто време, се покажа дека италијанските обвинители веќе го истражуваат заедничкото вложување на италијанскиот стартап Silk EV и кинескиот гигант FAW за измама.
Плановите беа новата фабрика во Италија да го произведува хиперавтомобилот S9 на Hongqi. Производството требаше да започне на почетокот на 2023 година, а S9, дизајниран од поранешниот главен дизајнер на групацијата Volkswagen, Валтер да Силва, првпат беше прикажан на Саемот за автомобили во Шангај во 2021 година.
S9 е опремен со V8 бензински мотор кој работи со хибриден систем, а моќноста на спортскиот автомобил е 1.400 коњски сили. S9 може да помине околу 40 километри само со електрична енергија. Неговата максимална брзина надминува 350 km/h, а забрзувањето од 0 до 100 km/h трае помалку од 2 секунди.