Онлајн услугите на “Apple” се целосно блокирани од кинеските власти, пишува “Индипендент”.
Земјата која е под еднопартиско управување на комунистичката партија, е вториот најголем пазар за технолошкиот гигант по САД. Една од владините агенции изгледа го прекинала пристапот од земјата до платформите “iTunes” и “iBooks”.
Според “Њујорк тајмс” услугите за слушање музика и читање на електронски книги првично добиле одобрување од властите во Кина, но минатата недела биле блокирани по наредба на Државната администрација за печатот, публикации, радио, филмовите и телевизијата.
Од “Apple” вчера излезе соопштение во кое “се надеваат” дека пристапот ќе биде отворен “што е можно поскоро”, но не нудат детали за случајот.
Аудиовизуелниот регулатор сè повеќе се обидува да влијае на онлајн содржините, што е одговорност и на други владини служби и министерства. На крајот од минатиот месец властите понудија за јавна расправа законски промени кои ќе доведат до дополнителна цензура на интернет преку создавање на регистар на одобрени од партијата домени на сајтови.