Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски го честита големиот празник Илинден со порака дека заедно ја градиме иднината на Македонија.

„Денеска, на овој голем ден од македонската историја оддаваме почит на нашето славно, херојско минато. Денеска, оддаваме почит на нашите претци од Илинденското востание и од заседанието на АСНОМ, кои ги поведоа граѓаните кон слобода, независност и единство и ги поставија темелите на современата, независна и суверена Република Македонија.
Идеалите за слободна, демократска и заедничка Македонија живеат и денес“, вели Кирацовски.
„Како одговорна и државотворна партија, заедно со вас граѓаните, го продолжуваме патот зацртан со Илинденското востание и заседанието на АСНОМ.
Заедно со вас продолжуваме да ја градиме Македонија како слободна, демократска земја – пријател на регионот и светот.
Горди на минатото, со одлучност тргнуваме кон иднината – Македонија да биде почитувана држава, полноправна членка на ЕУ и НАТО, онаму кадешто вредносно и цивилизациски припаѓа.
Нека ни е честит и вековит втори август – Денот на Републиката!“, додава тој.