Кириите во ЕУ растат побрзо од цените на куќите

Кога ќе се споредат четвртите квартали од 2023 година и 2010 година, меѓу земјите-членки на ЕУ за кои се достапни податоци, цените на куќите се зголемиле повеќе од кириите во 19 земји.

од Бети Божиноска

Цените на куќите во Европската Унија пораснале во четвртиот квартал од 2023 година за 0,2 отсто во споредба со истиот период претходната година, додека кириите пораснале за три отсто, покажуваат денешните податоци на „Евростат“.

Канцеларијата за статистика на ЕУ вели дека цените на куќите и кириите во ЕУ следеле слична шема помеѓу 2010 и вториот квартал од 2011 година, но сега се развиваат поинаку, па додека кириите постојано се зголемуваат оттогаш до вториот квартал од 2023 година, цените на куќите и паѓаа и растеа побрзо.

Според податоците на „Евростат“, по драстичниот пад помеѓу 2011 и 2013 година, цените на куќите останале повеќе или помалку стабилни меѓу 2013 и 2014 година, а на почетокот на 2015 година следел силен пораст, при што цените на куќите растеле побрзо од кириите до третиот квартал од 2022 година.

Цените на куќите паѓаа од четвртиот квартал од 2022 година, два квартали по ред, пред повторно да се зголемат во вториот и во третиот квартал од 2023 година и благо да се намалат во четвртиот квартал од 2023 година.

Кога ќе се споредат четвртите квартали од 2023 година и 2010 година, меѓу земјите-членки на ЕУ за кои се достапни податоци, цените на куќите се зголемиле повеќе од кириите во 19 земји.

Цените на куќите се повеќе од двојно зголемени во Естонија (217 отсто), Унгарија (185 отсто), Литванија (162 отсто), а намалување е забележано во Италија (за осум отсто) и на Кипар (три отсто).

Слични содржини