Австралискиот тенисер Ник Кирјос своевремено важеше за еден од најголемите светски таленти. Тој беше 13-ти играч во светот на врвот на кариерата, но неговиот жесток темперамент во комбинација со животните тешкотии го оддалечи од теренот.
Човекот кој го освои својот прв Гренд слем сезонава, Австралија опен во двојки, денес е 75-ти на АТП листот.
Во интервју за австралискиот Канал 9, тој ја раскажа својата животна приказна. Тој откри како се борел со депресија и самоубиствени мисли, но и изрази незадоволство од начинот на кој публиката го доживува. „Балансот е нешто што ми е прилично тешко да го најдам. Така е од детството. За мене натпреварите се секогаш емотивна рингишпил”, започна Кирјос, откривајќи дека кошарката е еден од начините за него да ја пронајде посакуваната рамнотежа.
„Навистина се трудам и понекогаш тоа е голема борба за мене. Понекогаш се будам подготвен за се, понекогаш едноставно не сакам да излезам од мојата соба. Се соочувам со проблеми кои ги имаат сите луѓе, но јас сум прилично горд. Затоа само излегувам, ја кревам главата и играм најдобро што можам во моментот. На и надвор од теренот – јас сум две различни личности. Не е секогаш лесно. Понекогаш едноставно не можете да се справите со толку многу негативност што оди кон вас, во вашиот мозок. Се занимавам со тоа постојано“, рече тенисерот.
Тој откри низ какви проблеми поминувал во 2019 година. „Беше многу сериозно… до тој степен што си ја повредив раката… И тоа не е добро“, рече Австралиецот, признавајќи дека емоционалната болка претходно била толку голема и дека се „сечел и горел“.
„Цело време се чувствував како да сум ги изневерил сите околу мене. Се сметав себеси за целосно безвреден и во еден момент го мразев сопствениот живот. Користев големи количини алкохол и дрога, навистина бев надвор од контрола. Мислам дека ги оттурнав сите кои се грижеа за мене, не комуницирав. Само молчев, но се обидував да се борам“, додаде тој.
Ниту 2020 година не беше лесна: „Имав самоубиствени мисли, буквално се мачев да станам од кревет за да излезам и да играм пред милиони луѓе. Бев осамен, депресивен, негативен, пиев, земав наркотици и не бев во контакт со семејството и пријателите“.
Моментално, вели, живее нов живот.
„Сега воопшто не пијам, понекогаш пијам чаша вино за време на вечера“, рекол Кирјос, кој не е задоволен од начинот на кој луѓето го доживуваат: „Не им е грижа кој сум навистина, кој сум како човек … Ги интересирам само како тенисер… Луд тенисер“, рече тој, додавајќи дека тоа го прави да се чувствува искористен.